По претставувањето на новиот дизајн на Facebook минатата година и имплементацијата на мобилната апликација, од компанијата оваа година почнаа да го пуштаат и за десктоп корисниците. Почнувајќи од мај новиот дизајн требаше да им биде пуштен на сите корисници, иако во нашиот случај истиот не е достапен, а корисниците ја имаа можноста да го вратат стариот, односно класичен Facebook изглед со сината лента на горната страна.
Преку информација која Facebook почна да им ја покажува на корисниците кои притискаат на изборот да се вратат на класичниот дизајн, стана јасно дека овој дизајн веќе нема да биде достапен, односно нема да постои од септември.
Тоа значи дека корисниците уште малку ќе го имаат изборот да се вратат на стариот дизајн, по што ќе мора да го користат новиот. Тие кои воопшто и немале пристап до новиот, од септември конечно ќе го добијат.
Инаку, новиот дизајн на Facebook, кој сепак донесува и заднински промени во перформансите на веб страната, доаѓа со интерфејс кој е сега многу повеќе сличен со тој на мобилната апликација од мрежата.
Наместо горната сина лента, сега главните делови се поставени на средината со поголеми икони, како кај мобилната апликација, а и целиот интерфејс изгледа поедноставно и попријатно за користење.
Од голема важност за доста корисници, новиот дизајн вклучува и можност за вклучување на темна тема, што е посебно пожелно за вечерните часови кога се чита и со намалена светлина во просторијата генерално.