Фото: Shutterstock.com

Apple во текот на вчерашниот ден ја пушти првата бета верзија од iOS 26.4, која како и секогаш прво е за програмерите. Истата донесува не така мала листа на новини, но не и главната поради која се чекаше на оваа верзија. 

Марк Гурман се покажа дека има добри извори, па неговите најави испаднаа точни. Иако Apple никогаш официјално не го најави доаѓањето на новата верзија од Siri за iOS 26.4, сите информации укажуваа на тоа исто како минатата година кога новата Siri се очекуваше со iOS 18.4, но тоа не се случи.

Уште остануваат шанси некои нови функции за Siri да бидат пуштени во наредните бета верзии, но сепак според информациите од Гурман повеќето треба да се очекуваат со iOS 26.5, како и со iOS 27 кога Siri се очекува да добие и можност за користење како „четбот“. 

Ова значи дека дури и соработката со Google и користењето на нивните Gemini јазични модели како основа, не се покажале како доволно добри за да Apple сметаат дека е време да ги пуштат новите функции за корисниците. 

Инаку, iOS 26.4 беше пуштена заедно со истата верзија и од другите системи од компанијата. Новините вклучуваат такви како шифрирање на RCS комуникацијата, слика од музиката во Music на целиот екран, можност за генерирање на листа со музика со помош на ВИ, можност за видео содржина на Podcasts, мали визуелни промени и слично.