Заедно со вчерашното претставување на OnePlus 9 и OnePlus 9 Pro, од компанијата го претставија и својот прв паметен часовник, едноставно наречен OnePlus Watch. Како што би се очекувало од оваа компанија, часовникот уште на прв поглед изгледа одлично, а и по разгледувањето на останатите карактеристики, вниманието останува задржано.
OnePlus Watch ќе се продава по цена од 159 долари, со што точно е одредена категоријата на часовникот. Нема да функционира со Wear OS од Google, туку со посебно развиен систем од OnePlus, а за почеток достапните апликации и „лица“ за часовникот ќе бидат само од компанијата.
Посебно се истакнува најавата на OnePlus дека часовникот ќе може да трае до две недели на едно полнење, односно една недела за понапредните корисници. Со полнење од 20 минути со брзиот полнач, часовникот ќе може да функционира до една недела.

OnePlus Watch доаѓа со 1,39 инчен AMOLED екран со резолуција од 454 на 454 пиксели и 326 пиксели на инч. Материјалот околу екранот е направен од нерѓосувачки челик, а достапен е избор од две бои, односно црна и сребрена. Димензиите на часовникот се 46,4 на 46,4 на 10,9 милиметри, а тежината изнесува 76 грама, односно 45 без ременот.
Батеријата за која се тврди дека може да издржи до 14 дена е со капацитет од 402mAh, а часовникот нема можност за сопствена конекција, односно нема SIM можност.
Меморијата на OnePlus Watch вклучува 1GB RAM и 4GB простор за податоци со можност за складирање на музика независно од мобилниот телефон.
Како што би се очекувало од еден паметен часовник, така и OnePlus Watch става посебен акцент на фитнес функциите. Часовникот може да следи повеќе од 110 активности, а тука е и автоматското следење на активностите, како и следењето на спиењето, стресот, сатурацијата со кислород на крвта и пулсот.