Покрај влегувањето на пазарот на паметни часовници од страна на повеќето поголеми ИТ компании, Pebble останува еден од најпопуларните. Тоа се должи на фактот што тие го претставија својот часовник многу порано од другите компании токму преку Kickstarter платформата каде што собраа многу поголема сума од потребната.
Паметните часовници од Pebble исто така се разликуваат од другите по технологијата која што ја користат за екранот. Тие наместо стандардните LCD или OLED користат e-paper екран со што се добива цела недела на траење на батеријата, нешто што е еден од најголемите проблеми кај другите часовници кои што треба да се полнат скоро секој ден.
Сепак, часовниците од Pebble не се во истата класа како тие кои работат на Android Wear или Apple Watch кој што треба да биде претставен.
Третата генерација од Pebble паметниот часовник е наречена Pebble Time и наместо преку продавниците од компанијата, овој часовник е моментално претставен преку Kickstarter. Се продава по цена од 179 долари и до сега има собрано повеќе од 4 милиони долари од потребните 500.000 на 31 ден до истекот на рокот. Ова само ја покажува популарноста на овој часовник кај корисниците.
Главната карактеристика со која што доаѓа Pebble Time е повторно неговиот екран. Тој повторно е направен со e-paper технологијата, меѓутоа овој пат тој е во боја. Тоа му дава многу подобар изглед на овој часовник, задржувајќи го траењето на батеријата до 7 дена, нешто што е возможно само со користење на овој штедлив екран.
Pebble Time исто така доаѓа и со обновен оперативен систем кој што ги прикажува работите по еден вид на редослед, од минатото, моментално и иднината, односно закажани состаноци и слично. Сите досега достапни апликации за часовникот се компатибилни со новата верзија, па корисниците нема да треба да чекаат излегување на нови.
Новиот часовник исто така доаѓа со до некаде променет дизајн. Неговата рамка е направена од нерѓосувачки челик, додека стаклото е отпорно на гребаници и направено од Gorilla Glass. Часовникот е 20% потенок, а исто така заоблен за подобро носење на раката.
Pebble Time доаѓа во три бои, односно црна, бела и црвена. Исто така, овозможува лесно вадење на ремчето за негова замена со било кои други со соодветна големина.
Извор: Kickstarter