Фото: Perplexity

Компанијата Perplexity AI, која досега примарно се фокусираше на пребарување базирано на вештачка интелигенција, го најави својот нов производ наречен Perplexity Computer. Станува збор за платформа која ги обединува постоечките можности на вештачката интелигенција во еден систем со цел да функционира како дигитален работник. 

Наместо да работи како класичен „четбот“ кој само дава одговори на поставени прашања, новиот систем е дизајниран самостојно да управува со цели проекти од нивното првично планирање до конечната реализација.

„Главните ВИ модели стануваат попаметни. Најдобрите стануваат толку способни што производите изградени околу нив се тесно грло за прикажување на нивниот вистински потенцијал. И како што секој нов модел се специјализира повеќе, само ‘Perplexity’ може да ги обедини сите врвни можности во еден систем за најмоќната употреба на AI досега.“ – истакнуваат од Perplexity во најавата на Computer.

Принципот на работа на Perplexity Computer се базира на деконструкција на големи цели во помали задачи. Кога корисникот ќе зададе команда со посакуваниот краен резултат, системот автоматски ја дели работата и креира таканаречени под-агенти за извршување на секој поединечен чекор. Овие агенти се способни да вршат веб-истражување, да пишуваат код, да генерираат документи и да повикуваат надворешни сервиси преку API конекции. 

Фото: Perplexity

Процесите се одвиваат асинхроно во изолирана компјутерска средина која има пристап до вистински веб прелистувач и систем на датотеки. Работните задачи можат да траат со часови или месеци, а доколку системот наиде на проблем, тој самостојно креира нови агенти за негово решавање и бара човечка интервенција само кога тоа е неопходно.

Техничката основа на платформата лежи во истовремената оркестрација на 19 различни модели на вештачка интелигенција. Системот користи различни јазични модели за логичко размислување, за длабинско истражување, за генерирање мултимедија и за брзо извршување на поедноставни задачи. Платформата сама одлучува кој модел е најсоодветен за конкретната под-задача, иако на корисниците им е оставена можноста рачно да ги бираат моделите заради подобра контрола на трошоците.

За разбирање на барањата, Perplexity Computer го користи Opus 4.6 моделот од Anthropic, кој се смета за еден од најспособните моментално. 

Во оваа почетна фаза, пристапот до Perplexity Computer е ограничен исклучиво за корисниците кои се претплатени на највисокиот Max пакет на компанијата. Поради високите инфраструктурни трошоци за паралелно процесирање на повеќе модели, користењето е регулирано преку систем на месечни кредити, што претставува промена од досегашниот модел на фиксна претплата.