OnePlus го одржа својот настан денес, како што беше најавено, достапен и преку изменета реалност, на кој го претстави својот прв телефон со пониска цена по подолго време. OnePlus Nord ќе биде достапен со почетна цена од 399 евра, а исто така доаѓа и со главни камери кои беа најавени како камери од високата класа.
OnePlus Nord доаѓа со 6,44 инчен Fluid AMOLED екран со резолуција од 2.400 на 1.080 пиксели и најважно од се, стапка на освежување од 90 херци што ќе го направи овој телефон посебно добар за користење.
Пониската цена сепак го става и во нешто пониска класа, па соодветно Nord доаѓа со Snapdragon 765G, а овој чипсет доаѓа со вградена поддршка за 5G мрежите, нешто што е скоро неопходно да го има еден телефон од 2020.
Изборот на RAM е од 6, 8 и 12GB, додека просторот за податоци исто така може да се избере помеѓу 128 и 256GB. Од овие карактеристики зависи и крајната цена на уредот, односно се друго е исто.

На задната страна од телефонот се сместени дури 4 камери, од кои главната е истата со таа кај поскапиот телефон од високата класа OnePlus 8. Оваа камера доаѓа со сензор со 48 мегапиксели, втората е со 8 мегапиксели и ултра широк агол за сликање, третата 2 мегапиксели и е наменета за сликање од блиску и четвртата камера е со сензор со 5 мегапиксели и е наменета за проценка на оддалеченоста на објектите со цел додавање и на подобри ефекти.
На предната страна се поставени две камери, во дупка на левата страна од екранот. Овие камери доаѓаат со 32 и 8 мегапиксели, каде втората е со поширок агол на сликање, погодна за собирање на повеќе луѓе при селфи слики.
Батеријата на OnePlus Nord е со капацитет од 4.115 mAh и доаѓа со можност за брзо полнење.
Цената на OnePlus Nord ќе изнесува 399 евра за верзијата со 8GB RAM и 128GB простор за податоци, како и 499 евра за верзијата со 12GB RAM и 256GB простор за податоци.