Samsung Unpacked Part2 се одржа денес, онлајн се разбира, а од компанијата го претставија наследникот на одличниот Galaxy Fold. Името на уредот сега е ново, Galaxy Z Fold2, а покрај името, доаѓаат и доста новини кој ја прават втората генерација многу подобра и привлечна за купување.

Тоа што е најважно и што ќе го направи овој модел многу повеќе популарен е што од Samsung ги исправија сите работи за кои имаше критики во првата верзија. Па така, задниот екран, односно тој што се користи за режим на смартфон, сега е многу поголем и реално овозможува корисникот често да го користи.

Од компанијата за време на Unpacked Part2 истакнаа дека во првата верзија од уредот тие сметале дека корисниците ќе го користат поголемиот екран, па кога ќе завршат, другиот екран ќе им служи за нешто на кратко да проверат. Сепак, корисниците кажале дека сакаат да можат уредот да го користат и како класичен смартфон, по што од компанијата го вградуваат новиот, 6,2 инчен екран.

Разликата не е воопшто мала и го прави Galaxy Z Fold2 значително подобар. Ланскиот модел има надворешен екран од 4,6 инчи, чисто за споредба.

Екранот кој се превиткува исто така добива зголемување, па така Galaxy Z Fold2 доаѓа со 7,6 инчен екран. Кога на тоа ќе се додадат значително помалите рамки, корисничкото искуство е целосно различно.

Предната камера е поставена во мала дупка, како кај останатите Samsung модели, а истата ја има во двата екрани, а корисниците можат да ја користат и главната камера, како за „обично“ сликање, така и за селфи, користејќи го едниот од екраните.

Главните камери доаѓаат со новиот и одличен дизајн на модулот кој го видовме кај новата Note серија. Вклучени се три камери со по 12 мегапиксели сите. Камерите кои се вградени во екраните доаѓаат со по 10 мегапиксели.

Galaxy Z Fold2 исто така доаѓа со унапреден Flex режим кој ги прилагодува апликациите зависно од тоа во која позиција се држи уредот. Па така, доколку гледате YouTube видео на надворешниот екран, можете веднаш да продолжите на поголемиот, но доколку го превиткате до половина, на едната страна автоматски ќе се прикаже делот за препорачани видеа, коментари и слично.

Поради големината на екранот кој се превиткува, со што се добива таблет компјутер, доста важна е и Multi-Active Window функцијата која овозможува да повеќе апликации се вклучат во исто време и се постават во одреден дел од екранот. Корисниците можат да изберат кои апликации сакаат да им се вклучуваат, автоматски подредени со еден клик.

На оваа страна можете да погледнете 5 видеа од Samsung на кои целосно е прикажан уредот, како и неговите новини, технологија и слично.

Целата презентација, односно Samsung Unpacked Part2, можете да ја погледнете во продолжение.

https://youtu.be/BptkBvjY748
Претходна статијаPayPal воведува можност за плаќање на 4 рати без камати
Следна статијаUnited Grоup има најбрза мобилна мрежа во Европа
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.