note-4

Samsung денеска го одржа најавениот Unpacked 2014 Episode 2 настанот кој што беше закажан минатиот месец. На овој настан се очекуваше компанијата да го претстави Galaxy Note 4 и тоа го направи, меѓутоа беше претставен уште еден модел кој што доаѓа со до некаде интересна карактеристика која што треба да го издвои од другите модели, а и конкуренцијата. Вториот модел е исто така од Note серијата и е наречен Galaxy Note Edge. Сепак да одиме со ред, главниот и долго очекуван модел кој што беше претставен денеска беше Galaxy Note 4, па во продолжение да видиме со какви карактеристики доаѓа овој модел.

Galaxy Note 4

Најавен точно една година како неговиот претходник, Note 4 задржува некои од карактеристиките, но претставува и неколку нови и очекувани. Екранот кој што е со големина од 5,7 инчи останува ист како минатиот, меѓутоа конечно доаѓа со QHD резолуцијата најавувана како можност за Galaxy S5 моделот. Тоа значи дека екранот на Note 4 доаѓа со 4 пати поголема резолуција од стандардните HD екрани, односно со 2560 на 1440 пиксели и нивна густина од 515 ppi. Направен е во стандардната за Samsung Super AMOLED технологија, како и Gorilla Glass 3.

Втората исто така голема работа кај Note 4 е процесорот на кој што ќе работи. Зависно од земјата кај што ќе се продава, тој ќе доаѓа со Qualcomm Snapdragon 805 чипсетот и 2.7 GHz Krait 450 четири јадрениот процесор или со Exynos 5433 чипсетот и 1.3 GHz Cortex-A53 и 1.9GHz Cortex-A57 четири јадрените процесори. Графичкиот процесор е Adreno 420. Без разлика од процесорот, Note 4 вклучува 3GB RAM меморија, како и 32GB внатрешна меморија со можност за проширување до 64GB со microSD картица.

003_detail

Доаѓа со две камери, односно задна со 16 мегапиксели и оптичко стабилизирање на сликата и предна со 3,7 мегапиксели која што има широко аголен поглед за љубителите на selfie сликите. Батеријата е со капацитет од 3.220 mAh што според Samsung треба да издржи до 420 часа во мирување и 21 час во разговори.

Карактеристично за Note 4 е и вклучувањето на металната рамка која што се најавува дека ќе се користи во сите нови модели од компанијата која што е критикувана за евтин впечаток на своите скапи модели. Тоа е поради користењето на пластиката веќе со години. Задниот дел повторно е направен како имитација на кожа, меѓутоа со нешто поразлична шара и без имитацијата на шевови. Доаѓа со сите сензори од S5 моделот, како што е сензорот за отисоци од прсти, сензорот за пулс и слично.

S Pen пенкалото кое што доаѓа заедно со телефонот вклучува одредени подобрувања во осетливоста и треба да овозможи пореално чувство на пишување како на хартија. Оперативниот систем очекувано е најновата верзија од Android, 4.4.4 KitKat, но очекуваме дека ќе добие надградба на новиот Android L во месеците што следат.

Note 4 доаѓа со поддршка за исто така нов уред претставен денес од компаниајта, а тоа е Samsung Gear VR. Се работи за очила за виртуелна реалност направени во соработка со Oculus VR кои што веќе им се добро познати на корисниците.

gear-vr

Galaxy Note Edge

Вториот телефон кој што го претстави Samsung може да се каже дека е скоро истиот како Note 4, со неколку интересни разлики. Edge доаѓа со малку помал екран од 5,6 инчи, меѓутоа сите други карактеристики, како процесорот, камерата, сензорите и слично се исти како со претходно најавениот модел.

034_detail

Она што го истакнува овој модел од другите модели на Samsung, како и конкуренцијата е вклучувањето на заоблен екран на десната страна од телефонот. Екранот не е посебен, односно е дел од главниот екран, меѓутоа е направен да се однесува како таков. Заоблениот дел е наменет да служи како место за кратенки за често користените апликации, за прикажување на нотификации, кратки пораки и одредени прилагодувања.

Дали на корисниците ќе им се допадне овој модел, останува да видиме, меѓутоа сигурни сме дека компанијата ќе продаде барем неколку милиони од него.

Извор: The Verge, The Verge 2, Cnet, GreenBot

Претходна статијаНовиот Asus Memo Pad 7, елегантен тенок и ултралесен таблет
Следна статијаЗаборавете на 4K, нано-пиксели се иднината на високата резолуција
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.