Конечно дојде денот на Samsung UNPACKED настанот на којшто од компанијата ќе ја претстават новата генерација од Galaxy S серијата, односно Galaxy S20. Како што беше случајот и минатата година, на почетокот од настанот Samsung прво го презентира својот уред со екран кој се превиткува.
Galaxy Z Flip, неофицијалното досега име на уредот е официјално потврдено. За разлика од ланскиот Galaxy Fold, Galaxy Z Flip е само телефон, односно стандарден телефон којшто се затвора со цел добивање на многу помал уред кој лесно се пренесува во џебот и слично.
Корисниците ќе бидат среќни да знаат дека Galaxy Z Flip доаѓа со нов механизам за преклопување, па не би требало да се повторат некои од ланските проблеми, како влегување на прашина помеѓу екранот и слично.
Кога е отворен телефон има екран со големина од 6,7 инчи кој на горната страна ја има веќе познатата за Samsung камера во дупка со што истата скоро и да не се забележува.
Кога е затворен, телефонот има уште еден многу мал екран на кого се прикажуваат известувањата, а нова информација од настанот денеска е што овој екран, иако мал, ќе може да се користи за сликање на селфи слики.

Како што можевме да видиме и од неофицијалните најави, посебна функција на Galaxy Z Flip ќе биде можноста за превиткување до пола со што се добива можноста да се прават селфи слики, да се прават видео разговори или да се гледаат видеа и во исто време да се коментира на нив, како што истакнаа од Samsung. Оваа можност на телефонот од Samsung ја нарекуваат Flex Mode.
Телефонот ќе биде достапен од 14 февруари и ќе се продава по цена од 1380 долари.
Повеќе информации за останатите карактеристики за телефонот ќе можете да прочитате во нашите статии во текот на утрешниот ден.
