Компанијата Canalys ги објави најновите статистики за пазарот на смартфони и како што би се очекувало, истиот има пад од 12% во споредба со истиот период минатата година. Падот е за првата четвртина во 2023, споредбена со истиот период минатата година, а во голем дел овој пад се должи и на намаленото купување на смартфони од средната и пониската класа.
Јасно е веднаш и нема потреба од голема анализа за да се заклучи што влијае на ваквата ситуација. Кризата која започна со короната, која сега прерасна во посериозна криза и висока инфлација поради војната во Украина, направи да корисниците не се баш мотивирани да често ги менуваат своите смартфони, а посебно кога ќе се земе во предвид дека ретко има причина тоа да се прави секоја година.


Што се однесува до пазарниот удел на компаниите, првото место оваа година го држи Samsung со 22% пазарен удел, а второто место го држи Apple со 21%. Овој резултат покажува губење на првата позиција на Apple која редовно ја менуваат со Samsung, зависно од периодот од годината.
Третото место со 11% го држат Xiaomi, по што следуваат Oppo со 10% и Vivo со 8%. Останатите производители имаат пазарен удел од 28%.
Од Canalys сметаат дека пазарот се стабилизира и покрај продолжување на неговиот пад. Тие веруваат дека ситуацијата може да се очекува да се подобри во втората половина од годината, за кога се очекуваат подобрувања и на другите пазари во светот.