SpaceX на Елон Маск во текот на вчерашниот ден ја лансира својата Transporter-1 мисија со која со едно лансирање, однесе 143 сателити до орбитата на Земјата. Ова претставува и рекорд кога е во прашање бројот на сателити со едно лансирање.
Сателитите кои беа лансирани се од повеќе компании, како и државни институции, а дел беа и од SpaceX, поточно Starlink мисијата за овозможување на интернет, која предизвика и одредени критики.
Лансирањето на рекордниот број на сателити истакнува една предност која е карактеристична сега за сега само за SpaceX, а тоа е пониската цена од конкурентите. Од компанијата тоа го постигнуваат со развојот на својата ракета која се враќа назад на земјата, наместо да изгори во атмосферата и со тоа да не може да се искористи повторно во наредна мисија.

За мисијата беше користена веќе познатата Falcon 9 ракета која успешно слета назад на земјата, како и обично на платформа во океан.
SpaceX не се единствените кои овозможуваат лансирање на сателити во орбитата, но дефинитивно се покажуваат како едни од најдобрите, а посебно кога е во прашање цената. Сепак, SpaceX има и одредени „маани“ кога се споредуваат со конкуренцијата, како на пример можноста за поставување на товарот во различни орбити, односно на различна висина.