Истражувачите од Оксфорд Универзитетот оваа недела ги имаа првите добри вести по подолго време за лечење на COVID-19 болеста. Тие објавија дека стариот и достапен лек направен на основа на кортикостероидот дексаметазон успешно има дејство во намалувањето на смртноста кај пациентите со тешка форма на болеста.
Дексаметазон се користи уште од шеесеттите години за намалување на воспаленија во низа на состојби, вклучувајќи и одредени видови на канцер. Лекови на основа на дексаметазон се користат за доста состојби, а доста познати се и капките за очи кои сигурно голем дел од нас ни се познати.
Инаку, резултатите покажуваат дека дексаметазон има ефект само на тешко болните, нешто што првпат се случува и е многу важно. Смртноста кај пациентите кои се поставени на машина за дишење е намалена за дури третина, додека кај тие кои се само на кислородна поддршка, смртноста е намалена за петтина.
„Ова е првиот третман кој покажува дека може да ја намали смртноста кај пациенти со COVID-19 кои имаат потреба од кислородна или поддршка од машина за дишење. Ова се одлични вести и им честитам на владата на Обединето Кралство и на Оксфорд Универзитетот и на многуте болници и пациенти во ОК кои придонесоа за ова откритие кое спасува животи.“ – истакна директорот на Светската Здравствена Организација.
Од СЗО истакнаа дека тие ќе направат промена на своите клинички препораки да ја вклучат оваа нова студија, што значи дека и од оваа организација сега ќе има препорака да се користи дексаметазон кај тешко заболените пациенти со COVID-19.