Можеби најголемата функција која требаше да стане достапна како дел од Apple Intelligence е понапредната верзија од Siri. Овој дигитален асистент требаше оваа пролет да ја добие способноста да го познава корисникот повеќе, тоа што го прави во моментот, односно што е на екранот, како и да функционира со повеќе апликации во исто време.
Ова требаше да биде почетокот, а до идната година Siri требаше да добие сопствен голем јазичен модел развиен од Apple за целосно израмнување со способноста со ChatGPT, Gemini и сличните.
Сепак, како што е веќе познато, Apple ја одложи и првата надградба на Siri која требаше да биде пуштена до мај најдоцна, а за уште поголемата можно е да се чека и до 2027. Надградбите сега се означени како „доаѓаат во наредните година дена“, па може да се каже дека корисниците на Apple останаа без некои посебни ВИ функции.
Реално, најважната функција со вештачка интелигенција, која има реална корист е таа поврзана со Siri, а можноста да се измени текст, да се генерира слика и слично, е нешто што сепак е само забавно, но не и толку клучно.
Адвокатската компанија Clarkson поднесе тужба, за која бара да биде третирана како групна тужба, против Apple, поврзана со одложувањето на овие нови функции со Apple Intelligence.
Тужбата, која е поднесена во Сан Хозе, тврди дека Apple лажно ги има промовирано новите функции со вештачка интелигенција, односно погрешно ги има претставено своите производи.
Според компанијата, рекламите на Apple имаат создадено очекувања за корисниците, како и поголема продажба со промовирање на функции кои не се достапни уште од почетокот, а дел од нив воопшто и не им станаа достапни.
Со тоа корисниците добиле претстава дека имаат причина да ги купат најновите уреди од компанија, а на крајот тоа сепак не било така.
Тужбата ќе бара да бидат исплатени корисниците кои ги имаат купено најновите уреди поради ветувањата за Apple Intelligence функции.
Ова веќе се претвора во еден од најлошите проблеми за Apple, па ќе видиме како тие ќе се справат со ова во периодот што следи. Тие ги тргнаа дел од рекламите кои беа поврзани со напредната верзија од Siri, а едната од нив беше и со актерката од познатата серија „Tha Last of Us“.
Слабиот развој на Apple Intelligence веќе ги насочува работите кон редизајн на оперативните системи, нешто што нема врска со вештачка интелигенција, а според мене вниманието кое се дава на ВИ, е претерано.