NASA успешно ја започна својата Artemis II мисија со извршувањето на успешното лансирање на SLS – Space Launch System ракетата 35 минути по полноќ по македонско време синоќа.
SLS ракетата успешно го донесе Orion леталото во орбитата на Земјата, каде што во овој момент сѐ уште се наоѓа заедно со четири члениот екипаж кој ќе го управува ова летало околу Месечината.
Мисијата треба да трае 10 дена, односно се очекува дека Orion леталото ќе го заврши својот лет и ќе слета во Тихиот Океан на 10 април.
По постигнувањето на орбитата на Земјата, Orion леталото ги постави своите „крила“ со сончеви панели преку кои ќе ја добива потребната енергија за време на летот.
Планот е во текот на денешниот ден да се постигне уште повисока орбита, а во текот на денот се планира и вклучување на ракетните мотори на Orion во траење од шест минути, со што официјално леталото ќе го започне својот лет кон Месечината.
Artemis II мисијата доаѓа по тестирањето на ракетата и леталото без екипаж, а е замислена како тест мисија која вклучува астронаути пред почетокот на Artemis III мисијата која има за цел тие да слетаат Месечината.
„Денешното лансирање означува клучен момент за нашата нација и за сите кои веруваат во истражување. Artemis II се темели на визијата поставена од претседателот Доналд Џ. Трамп, враќајќи го човештвото на Месечината за прв пат по повеќе од 50 години и отворајќи го следното поглавје од истражувањето на Месечината по Аполо. На леталото „Орион“ се наоѓаат четири извонредни истражувачи кои се подготвуваат за првиот лет со екипаж на оваа ракета и вселенски летала, вистинска тест мисија што ќе ги однесе подалеку и побрзо од кој било човек во генерација“, рече администраторот на НАСА, Џаред Ајзакман. „Artemis II е почеток на нешто поголемо од која било мисија. Го означува нашето враќање на Месечината, не само за да ја посетиме, туку и за на крајот да останеме на нашата база на Месечината и ги поставува темелите за следните џиновски скокови напред.“
Останувањето на Orion леталото во високата Земјина орбита се планира да трае околу еден ден, односно повторно доцна во вечерта според македонско време, ако се е во ред, ќе биде дадена дозволата за вклучување на моторите.
Летањето кон Месечината е направено на начин да се искористи гравитацијата од Земјата и од Месечината, а планирано е да се направи само едно прелетување околу овој наш природен сателит.
Прелетувањето ќе трае повеќе часа, а ова ќе биде првпат луѓе да прелетаат над темната страна на Месечината.
Лансирањето на SLS, видео кое сѐ уште се емитува во живо, можете да го погледнете во продолжение. Второто видео е пренос во живо од камерите на Orion, кое сепак не успева цело време да пренесува.










































