Познатите Valve, кои стојат зад Steam продавницата за игри, како и познатата мала играчка конзола Steam Deck, претставија три нови уреди кои дефинитивно ќе направат поместување на гејминг пазарот.
Овие нови уреди ќе донесат доста поголема конкуренција на пазарот на играчки конзоли, а нема да биде мала конкуренцијата и на гејминг компјутерите.
Трите уреди кои ги претстави Valve се Steam Controller, контролер развиен на основа на Steam Deck, потоа Steam Machine компјутерот, како и Steam Frame очилата за виртуелна реалност.
Со ова, Valve може да се каже дека целосно ја заокружува својата понуда, па корисниците би можеле сите свои гејминг потреби да ги задоволат со уредите од оваа компанија.
Steam Deck веќе привлече големо внимание кај корисниците, а посебно заслужен за тоа е SteamOS оперативниот систем кој иако е направен на основа на Linux, со помош на Proton технологијата развиена од Valve, повеќето игри на Steam се достапни за играње.
Поради тоа што Steam Machine е компјутер во основа, корисниците имаат можност да инсталираат и Windows доколку сметаат дека им е потребно, па со тоа би немало игра која не им е достапна.
Според информациите, иако Steam Machine не може да се носи со најмоќните и најскапи гејмин компјутери, сепак целта на Valve е да овој компјутер може да им конкурира на играчките конзоли, а тоа треба да биде постигнато со сигурност.
Steam Machine доаѓа со два AMD чипови, 16GB DDR5 RAM, AMD Zen 4 процесор со шест јадра со можност за работа до 4,8GHz. Графичкиот процесор е направен со AMD RDNA 3 архитектурата, а има посебна GDDR6 меморија со 8GB.
Од тоа што може да се прочита од американските портали кои имаа шанса да го разгледаат и пробаат овој компјутер, перформансите треба да се на ниво од PlayStation 5 Pro, па и подобри.
Инаку, Steam Machine е направен во форма на коцка со големина од 16 сантиметри, што значи дека уредот би било лесно да му се најде место каде да биде поставен.
Steam Controller, уредот кој секако ќе биде потребен за користење на Steam Machine, може да се каже дека е целосно нова генерација кој е направен на основа на Steam Deck вградениот контролер.
Рачките за контрола се направени со магнети за подобра прецизност, а достапни се и два „тракпада“ кои доаѓаат со вибрации, заедно со дополнителните копчиња карактеристични за ваквите уреди.
Steam Frame очилата за виртуелна реалност исто така се очекува дека ќе привлечат внимание, а преку нив може да се играат сите игри, односно тие кои се направени за ВР и тие кои не се.
Уредот тежи околу 440 грама, батеријата е вградена во задниот дел од ремчето, што е одлично решение, а работи со Snapdragon 8 Gen 3 чипот, заедно со SteamOS.
Иако овој уред може независно да ги пушта игрите, тој сепак е замислен истите да ги игра преку стриминг од компјутер.
Двата екрани доаѓаат со резолуција од 2160 на 2160, а технологијата сепак е LCD, со стапка на освежување од 72 до 144 херци.
Кратката презентација на трите нови уреди од страна на Valve можете да ја погледнете во продолжение.
















