Можеби веќе се навикнавме на дупките за камера, ако не на исечоците, на предниот дел од екранот. Сепак, на овој начин се добива претстава за поголем екран, со мали рамки, па и едната дупка од камерата не смета во работата.
Ние лично не сме баш „фанови“ на производителите кои уште користат исечок, за разлика од малите дупки, па чекаме на комерцијализација на технологијата која ќе ја смести предната камера под екранот, тргајќи ја со тоа потребата од исечоци и дупки.
Технологијата за ова веќе е најавена, но недоволно развиена за да ја видиме во некој од достапните телефони, а и ретко читаме за најави за такво нешто. Најмногу внимание на ова посветува Xiaomi, иако не се единствени, па тие уште минатата година ја претставија својата технологија за камера под екранот.
Причината поради која оваа технологија остана само во форма на најава и не ја видовме имплементирана во некој уред е што истата не е доволно развиена. Камерата иако е под екранот, сепак може да се види, со што се добива повторно мала дупка за камерата, но во овој случај помалку забележлива.
На тоа треба да се додаде и потребата од доволно влегување на светлина до леќите од камерата, со цел да се добие добра слика или барем доволно добра.
Xiaomi најави дека нивната трета генерација од оваа технологија е конечно доволно спремна за вградување во комерцијален производ и од идната година можеме да очекуваме телефони кај кои предната камера ќе биде под екранот и нема да се гледа.

Како што може да се види од сликата погоре, од Xiaomi го имаат сведено гледањето на камерата на минимум, односно истата веќе и не може да се забележи, а и подобрено е решението за количината на светлина која може да помине. Истото е решено со ставање на помали пиксели, со што нема потреба од намалување на нивниот број и прикажување на пониска резолуција во тој дел од екранот.
Развојот на третата генерација од технологијата Xiaomi го презентира во видеото во продолжение, а ние лично се надеваме дека и другите производители ќе почнат да ја користат истата или некоја нивна верзија.