По неколку најави, ZTE и официјално го претстави нивниот прв телефон со камера под екранот. Ова воедно е и првиот ваков телефон на пазарот, но останува да се види дали технологијата е доволно добро развиена и имплементирана за да може да се остане на овој заклучок.
Уште од лани се најавуваат телефони со камера под екранот, но остана проблемот со видливоста на камерата, но и уште поважно, квалитетот на сликите поради протокот на светлина зад пикселите.
Xiaomi досега делуваат најсериозни во претставувањето на ваков телефон, но тие нивниот го најавуваат за идната година, со третата генерација од нивната технологија за која се тврди дека ги има решено проблемите.
Додека видиме дали решението на ZTE е доволно добро, тие ќе останат како првиот производител кој пушти на пазарот ваков телефон. ZTE Axon 20 5G е името на уредот и се работи за уред од средно високата класа.
Од компанијата истакнуваат дека имаат користено посебно развиени слоеви кои треба да овозможат добар пристап до светлината од камерата, како и нормално функционирање на екранот во тој дел. На тоа се додава и посебно развиениот алгоритам кој треба да ги „менаџира“ сите овие работи за на крајот да се добие добра слика.

Инаку камерата која е вградена под екранот доаѓа со сензор од 32 мегапиксели што значи дека ако имплементацијата на технологијата е како што треба, може да се очекуваат доста добри слики.
На задната страна достапни се 4 камери со сензори од 64 мегапиксели кај главната камера, 8 мегапиксели кај камерата со ултра широк агол на сликање, како и по 2 мегапиксели кај камерата за сликање од блиску и камерата за длабочина на објектите.
Ова е главната карактеристика на ZTE Axon 20 5G, кој доаѓа со многу мали рамки на екранот, кој нема ниту исечок, дупка, а исто така нема потреба од некое од креативните решенија на превртување на задните камери за да се користат како предни.
Останатите карактеристики го ставаат овој телефон во средно високата категорија, односно не доаѓа со компоненти од највисоката класа на уреди. Па така, Axon 20 5G работи на Snapdragon 765G, има избор од 6 и 8GB RAM, како и 128 и 256GB простор за податоци.
Екранот е со големина од 6,92 инчи, но сигурно целиот уред не е толку голем поради малите рамки. Резолуцијата е Full HD+, односно 2.460 на 1.080 пиксели и е направен со OLED технологијата. Батеријата на Axon 20 5G е со капацитет од 4.220 mAh и се полни со брз полнач од 30W.
Ќе може да се нарача во Кина од овој месец, со почетна цена од околу 320 долари, но не познато дали и кога може да се очекува во други делови од светот.