Amazon оваа недела претстави нов уред кој е изненадување за одредени луѓе кои што ги следат случувањата на IT компаниите. Се работи за уред наречен Echo, кој што е наменет за поставување во домот на корисникот каде што ќе се користи како паметен асистент. Во основа ова е уред кој што ги има функциите на Siri, односно Google Now и Cortana.
Направен во форма на цилиндар, уредот всушност претставува звучник, односно не вклучува никакви екрани и слични додатоци и е контролиран преку вашиот глас. Звучникот ја задржува цилиндричната форма на целиот уред и звукот го насочува кон сите страни, односно во правец од 360 степени. Ова овозможува да звукот може да се слуша во сите правци и да нема разлика начинот на поставување на уредот. На горниот дел се наоѓаат 7 микрофони кои што ја користат beam forming технологијата за да овозможат прецизно слушање на командите на корисникот од повеќе страни, оддалеченост, а истото според Amazon може успешно да го прави и кога е пуштена музика од него.
Amazon Echo, како што тоа го прават и другите паметни асистенти, може да направи скоро се преку вашите гласовни команди. Па така, преку него можете да пуштате музика, да ја проверувате временската прогноза, да поставувате разни прашања од разни области, да закажувате аларми и слично. Активирањето на гласовните команди се прави преку кажување на одреден збор, како што е случајот со „OK, Google“. Зборот кој што ќе ги активира командите корисникот може сам да го избере.
За прилагодување на Echo достапна е апликација за Android, како и FirePhone од Amazon на која што уредот се поврзува преку Bluetooth. За корисниците на другите платформи достапен е и веб интерфејс кој што може да ги изврши сите функции од апликацијата.
Доколку се прочитаат повеќе оценки за уредот, посебно од странските портали кои што имаат и пристап до него, се верува дека сепак целта на Amazon е да овој уред прерасне во едноставен начин за нарачка на производите кои што се продаваат преку нивната мрежа. Тоа би бил логичниот заклучок со оглед на фактот што секоја компанија бара начин како во време на голема конкуренција, да дојде до што повеќе начини за продажба на нивните производи. Претставувањето на уред кој што можеби и изгледа дека е наменет за целосно различна намена, кој што би бил потенцијално користен од голем број на корисници, сигурно е еден од најдобрите начини за проширување на виртуелната продажна платформа.