Некако поимот Chrome OS не го спомнуваме често, односно оперативниот систем на Google го препознаваме по Chromebook лаптопите, бидејќи досега скоро ексклузивно беше користен само во нив. Acer сепак има друга замисла, односно десктоп компјутер со сите компоненти ставени во дисплејот и како што е веќе „задолжитено“ денес, екран на допир. Ваквите компјутери се викаат Chromebase.
Се работи за компјутер со монитор од 21,5 инчи и стандардна Full HD резолуција од 1920х1080 пиксели, што е одлична големина за мултитаскинг и посериозно работење. Сепак, чуди изборот на толку голем екран за компјутер со Chrome OS, бидејќи оперативниот систем и не е познат по мултитаскинг способностите – повеќето апликации и така работат во табовите на Chrome. Веројатно идејата е подобрено гледање на филмови и видеа…
Екранот на допир има малку поголема смисла, бидејќи наскоро Chrome OS ќе може да користи и Android апликации, кои се оптимизирани за таква работа, иако корисникот веројатно најчесто ќе ги користи маусот и тастатурата.
Во внатрешноста, компјутерот е опремен со Nvidia Tegra K1 процесор, кој е веројатно најдобриот на мобилната сцена, но сигурно не на нивото на десктоп процесор. Сепак, за секојдневното сурфање, пишување документи и играње на игри од Play Store, треба да е и повеќе од доволен, особено поради моќната графика. Голема предност на К1 во однос на нормалните десктоп процесори е и исклучително малата потрошувачка на енергија.
Chromebase компјутерот на Acer ќе биде понуден со максимум 4 GB рам меморија, како и 16 GB простор за складирање податоци. Ако ова делува малку, причината е што Chrome OS е оперативен систем кој датотеките ги зачувува во “cloud”, односно на Google Drive. Со самото купување на уредот, корисникот ќе има две години бесплатно користење на 100 GB простор на сервисот на Google.
Цената на овој уред се уште не е позната, но би требало да биде поевтин од еквивалентните Windows машини.
Извор: The Verge