Apple можеби е на насловните страници со ултра тенкиот MacBook лаптоп, но од HP велат дека тоа набрзо ќе се промени, бидејќи најтенкиот лаптоп во светот ќе го носи нивното лого.
Според информациите, дебелината на нивниот нов лаптоп ќе биде само 11 милиметри, што е потенко дури и од некои таблети и за дури 1,4 милиметри потенко од досегашниот рекордер HP EliteBook Folio кој беше претставен на почетокот од годинава и има дебелина од 12,4 милиметри.
Сеуште немаме информација за тоа какви иновации во дизајнот се направени за да се постигне ова, но скоро сигурно во внатрешноста ќе биде вграден Core M процесор, исто како во MacBook на Apple.
Ова секако значи дека перформансите нема да бидат на највисоко ниво, но тоа е и очекувано – овој ултра тенок лаптоп ќе биде пред се наменет за полесна преносливост и секако за да изгледа подобро кога ќе седнете на кафе на кеј со него.
Со новите тенки лаптопи, од HP велат дека ќе го надминат Apple и ќе бидат пример за иновации во сегментот. Тука веројатно малку забораваат и на другите иноватори, како Microsoft со Surface серијата, но нападот на производителот кој има најголема продажба секако е очекуван.
На денешниот настан во Парис на кој ќе биде претставен лаптопот, HP ќе продаде неколку модели изработени од злато и дијаманти, кои ќе чинат 25.000 долари, а парите ќе се пренасочат во хуманитарни цели.
Извор: The Verge, Windows Central, TechTimes