Уште пред неколку месеци беше најавено дека Microsoft планира наскоро да ја прекине својата поддршка за Microsoft XP на 8. април. Со други зборови, на овој датум Microsoft за последен пат ќе издаде пакет со надградби, кој ќе одговори на најновите безбедносни закани, а потоа целосно ќе се фокусира на поновите оперативни системи.

Сепак, гигантот од Вашингтон е свесен дека Windows XP е се’ уште инсталиран на милиони системи ширум светот, па затоа се реши за еден интересен чекор: да понуди кредит до 100 долари за корисниците од САД, Канада и Порторико што ќе одлучат да купат нов систем. Интересно е тоа што понудата важи само за конфигурации што работат на Windows 8.1, оперативен систем кој деноноќно е тема на разни дебати, па затоа е нејасно дали оваа промоција ќе го донесе посакуваниот резултат. Истовремено, конфигурациите можат да се нарачаат само од официјалната онлајн продавница на Microsoft, при што најевтината понуда би ги чинела корисниците од горенаведените држави 599 долари. а најскапата за 2.299 долари. Колку за споредба, најевтината конфигурација може да се најде на Amazon за помалку од $400, со шанса за испорака и во Македонија.

Оваа промоција трае до 15. јуни и не вклучува класични конфигурации со куќишта; важи само за лаптопи, all-in-one конфигурации и Surface Pro 2 таблети. Сите уреди работат на екрани на допир, што значително додава на нивната конечна цена. Па така, доколку некој корисник се реши да „загризе“ на модерна конфигурација, се’ што треба да направи е да ја посети онлајн продавницата од Windows XP машина, со што ќе добие уникатен промотивен код кој дава право на користење на одреден попуст.

По речиси 13 години активна поддршка, Microsoft решија да кренат раце од Windows XP, еден од најпопуларните оперативни системи на сите времиња и притоа да се обидат да ги натераат корисниците да се префрлат на помодерен систем. Што се однесува до официјалната промоција, првичните реакции и не се баш позитивни, со оглед на тоа што мнозинството коментари се дека Windows 8.1 е далеку полош систем од XP и дека Microsoft требале да се одлучат за Windows 7 во понудата.

Претходна статијаПретставен новиот HTC One (M8)
Следна статијаMicrosoft го отвори кодот на MS-DOS и Word for Windows за јавноста