msi-tobii copy

MSI е производител кој е пред се познат по своите гејмерски компоненти, компјутери и лаптопи и најчесто се пионери во ова поле. Доказ за тоа е новиот GT72S G Tobii лаптоп, кој е првиот ваков уред во светот со вградена технологија за следење на движењето на очите на корисникот, која може да се користи во најновите игри.

Сигурно уште веднаш се запрашавте на кој начин може ова да им помогне на гејмерите? Технологијата на Tobii, наречена Eye X има камера која константно ги следи двете очи на играчот и според тоа, зависно од играта, може да активира различни команди.

На пример, доколку гледате настрана од дисплејот, играта автоматски ќе се паузира, односно ако гледате подолго време во една точка, играта ќе се зумира на тоа место. Играчот може и да нишани со очите, наместо со маусот, како и да избере некои објекти гледајќи во нив.

Технологијата може да се користи и за управување на Windows 10 оперативниот систем, како на пример во Task View, каде можете со очите да го изберете прозорецот кој сакате да се зголеми – подолу и видео како сето тоа функционира.

Сето ова делува импресивно доколку се покаже дека функционира и во пракса, но мислам дека уште подобра примена ќе има во уредите за виртуелна реалност, каде управувањето со очите има многу повеќе смисла.

Како и да е, MSI има и вклучено една игра во лаптопот (Tom Clancy’s The Division), која функционира со оваа технологија, а има и дузина останати наслови кои се компатибилни –  Assassin’s Creed: Syndicate, Assassin’s Creed: Rogue и Elite: Dangerous меѓу другите.

Настрана Tobii Eye X технологијата, лаптопот има прилично моќни компоненти – дисплејот има големина од 17,3 инчи и Full HD резолуција, процесорот е Core i7 помогнат од моќната NVidia GTX 980M графичка карта, 32 GB рам меморија и 1 TB хард диск. Лаптопот е опремен и со осветлена тастатура во боја за ноќните играчки сесии, специјална Nahimic Sound Technology за подобар звук од вградените звучници како и Killer DoubleShot Network за најголеми можни брзини при приклучувањето на LAN мрежа.

Задоволството да го имате првиот лаптоп во светот кој ќе можете да го управувате со своите очи чини 2.599 долари, што на прв поглед изгледа многу, но ако се погледнат вградените компоненти и напредната технологија, а згора на тоа и вградената игра, цената сепак може да се проголта.

Извор: Windows Central, Engadget, SlashGear

Претходна статијаIntel ќе забрани “overclock” на заклучените Skylake процесори
Следна статијаOpera доби понуда за купување од кинески конзорциум за 1,2 милијарди долари