Оние кои се навлезени во правењето на моќни гејмерски машини, знаат дека најголем проблем за џебот на корисникот претставуваат графичките картички, а тоа особено важи доколку сакате да имате компјутер кој функционира и како платформа за VR виртуелно играње. Новата GeForce GTX 1080 го решава тој проблем – нуди досега невидени перформанси, по двојно пониска цена од досегашниот рекордер Titan X.
GeForce 1080 е плод на Pascal архитектурата, на која Nvidia работи веќе подолго време и која донесува значителни подобрувања во поглед на перформансите, но и драматично намалување на потрошувачката на енергија. Така, од Nvidia велат дека 1080-ката има два пати подобри перформанси од Titan X за VR играње, досегашната најмоќна гејминг картичка, три пати поголема ефикасност и скоро двојно пониска цена, пониска дури и од послабата GTX 980 Ti. Импресивно.
Новата графичка има 2.560 Cuda јадра, GDDR5X меморија со брзина од 10 гигабајти по секунда, можност за проток од 320 гигабајти по секунда и поддршка за максимална резолуција од 7.680х4.320 пиксели на високи 60 Hz. Во превод, графичката поддржува 8K резолуција! Вкупната пресметковна моќ на графичката е 9 TFLOPS, преку 7,2 милиони транзистори со големина од 16 нанометри, изработени преку FinFET процес. Импресивен податок е што максималната потрошувачка изнесува 180 вати, за разлика од 240 вати кај претходниците, што значи дека купувачите сега може да поминат и со послабо и поевтино напојување.
Покрај ѕверските перформанси, оваа графичка ќе има и поголем простор за “overclock” од претходниците, бидејќи работи на многу пониски температури, а доаѓа и со подобрена SLI можност за поврзување со друга GTX 1080 графичка, каде треба да понуди двојни перформанси.
Покрај GTX 1080, Nvidia ја претстави и малку послабата GTX 1070 графичка, која е на слично ниво со Titan X во поглед на перформансите, што значи дека и ова е сериозна графичка која може да е одличен избор за оние со поплиток џеб. А колку поплиток? 1070-ката чини 379 долари (449 долари за Founders Edition), додека 1080-ката чини 599 долари (699 долари за Founders Edition). Founders Edition се инаку графичките кои се произведени директно од Nvidia, додека пониските цени важат за производителите како Asus, MSI итн.
За оние на кои цената им изгледа висока, само напомена дека Nvidia 980 Ti, која е повеќе од двојно послаба од новата графичка на Nvidia чини 699 долари, додека Titan X чини 999 долари. Затоа, за сите оние кои планираа овој период да се подноват со една од тие графички, подобро е да почекате да бидат достапни новите 1070 и 1080 – ќе добиете многу подобри перформанси за помалку пари.
Извор: ZDNet, ARS Technica, PC Gamer