Упатените во играчките конзоли, знаат дека меѓу двата главни конкуренти, PlayStation 4 и Xbox One, првиот е помоќен и има генерално подобри перформанси, но вториот троши помалку енергија, потивок е и помалку загрева. Логично, нели.
Сепак, Sony направи неколку промени во освежената верзија на PlayStation 4 за оваа година, со кои ја намали целосната потрошувачка на енергија на конзолата за 18%, што е навистина импресивно, особено ако се знае дека перформансите се непроменети, односно нема паѓање во квалитетот на графиката и играњето.
Главното подобрување е во процесорот, кој иако има исти перформанси, оптимизиран е за пониска потрошувачка. Исто така, рам плочките сега имаат само 8 чипови, наместо 16, иако и натаму меморијата изнесува 8 GB DDR 5. Покрај тоа, сменети се и неколку други контролери, меѓу кои и оној за HDMI поврзувањето.
Од останатите делови, напојувањето е сега полесно за 80 грама, што е најава за пониска потрошувачка на енергија, иако нема промени во кулерот, кој знае да биде погласен при големи оптоварувања.
Моделот CUH-1200, кој ги содржи сите овие подобрувања, моментално е достапен само на јапонскиот пазар, но се очекува наскоро да пристигне и во Европа.
Цената со сигурност ќе остане иста, па за оние кои го сакаат најновото и најдоброто, а сакаат и малку пониски сметки за електрична енергија, веројатно вреди да се почека.
Извор: Geek