Bqhqv3MCYAIgUUf.jpg large

После повеќе шпекулации дека Mozilla работи на уред кој што треба да биде директна конкуренција на Chromecast од Google, порталот Gigaom успеваат да дојдат до демо уред кој што тоа го потврдува. Уредот овозможува стриминг на содржината од одредени мобилни апликации на телевизорот на кој што е поврзан и работи на верзија од Firefox оперативниот систем. Сепак не е се’ уште јасно дали на развојот на уредот директно се вклучени од Mozilla или само е искористен нивниот оперативен систем кој што е со отворен код и секој може да го развива и менува како што сака.

На демо видеото кое што го имаат направено од Gigaom може да се види дека уредот, кој што се’ уште нема име, може да ја прикажува содржината од YouTube апликацијата на Android, исто како што тоа е возможно преку Chromecast. Се разбира кога овој производ ќе биде пуштен во комерцијална продажба, поддршката за апликации треба да биде поголема. Инаку, ваквите уреди се поврзуваат на HDMI и USB портата од телевизорите и преку вашата локална Wi-Fi мрежа се поврзуваат со соодветните поддржани уреди, со што се овозможува прикажување на нивната содржина на телевизорите без потреба од кабли.

Предноста која што треба да ја има овој уред пред Chromecast е неговата отвореност, нешто што е до некаде критикувано кај истиот уред од Google. Иако од Google овозможуваат SDK алатка за програмерите да можат да ги направат компатибилни нивните апликации со Chromecast, постојат одредени ограничувања кои што ги наложува компанијата. Исто така Chromecast може да работи со Android и iOS апликации, како и одредени веб апликации, но не се поддржани другите платформи. Од уредот кој што ќе работи на Firefox OS се очекува проширување на поддржаните платформи, па така и корисниците на Windows Phone, на пример, ќе можат да почнат да ги користат придобивките од ваквите уреди.

Извор: Gigaom, Christian Heilmann

Претходна статијаMicrosoft ги прекинува постарите верзии од Skype, им препорачува на корисниците да ја користат најновата
Следна статија9 инчен Nexus таблет од HTC до крајот на годината ?
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.