И покрај тоа што 3D принтерите веќе некое време се користат во разни индустрии и компании, досега истите не беа достапни за секојдневна употреба. За среќа, со Micro тоа ќе се смени.
Според Мајкл Армани, извршниот директор на M3D, целта е да се произведе принтер со атрактивен дизајн што ќе биде исклучително лесен за инсталација и употреба, за корисниците да можат целосно да се посветат на конечниот испринтан производ:
Само го ставате дизајнот во принтерот, а тој ја завршува работата во најкраток можен рок. Не сакаме фокусот да е насочен кон самото 3D принтање.
Како и многу други идеи во денешно време, Micro се појави на кампања на Kickstarter, а потребните 50.000 долари беа собрани за точно 11 минути. Доколку сакате да го добиете за промотивна цена, се’ што треба е да донирате 299 долари (понуда што трае ограничено време) и да почекате до крајот на оваа, односно почетокот на идната година, кога принтерот ќе стане достапен за секого.
Очигледно е дека Micro и не е така скап за 3D принтер. Армани објаснува дека неговата компанија решила да го намали самиот волумен на принтерот, со цел трошоците да се сведат на минимум. Истовремено, Micro ќе троши помалку струја од останатите 3D принтери што моментално и’ се познати на јавноста.
Сакаме луѓето да не’ знаат по првиот комерцијален 3D принтер кој е лесен за употреба и може да се постави на секоја маса. Доколку успешно ги комбинираме сите идеи и понудиме едно комплетно искуство, сигурни сме дека Micro ќе игра клучна улога на пазарот – заврши Армани