Своевремено најголемиот производител на паметни телефони во светот, конечно го прифати поразот на смартфон сцената и наредниот модел што ќе го лансира ќе има класичен Android оперативен систем.
BlackBerry нема целосно да го смени начинот на кој ги прави своите телефони и Venice, како што е засега кодното име, и натаму ќе има хардверска тастатура, која ќе биде на лизгање, во долниот дел. Вака, телефонот би се издвоил од конкуренцијата, која веќе со години нема никаков напредок во полето на дизајнот, односно употребата само на голем екран, со многу малку хардверски копчиња. На самата фотографија инаку не е финалниот телефон, туку компјутерски изрендериран модел, добиен од сите информации кои се пуштени за телефонот досега.
Главна карактеристика на BlackBerry Venice, како и на сите телефони на канадскиот бренд досега, ќе бидат врвната изработка, овој пат од алуминиум, како и целосната енкрипција на email пораките, односно во BlackBerry Messenger. Ова значи дека ќе биде особено погоден за користење кај бизнис корисниците, кои најмногу би требало да ги загрижи можната кражба на податоци. И, за прв пат, сето ова веројатно ќе биде придружено со сервисите на Google, односно сите апликации од Play Store.
Останатите спецификации ќе бидат исто така врвни и веројатно ќе вклучуваат процесор на Qualcomm од највисоката класа (веројатно Snapdragon 808) и 3 GB рам меморија. Се очекува и голем напредок кај камерите, особено кај задната, која ќе има 18 мегапиксели, додека големината на екранот ќе биде 5,4 инчи во дијагонала, со Quad HD резолуција (2560х1440 пиксели).
Се уште немаме официјални информации за тоа кога ќе биде претставен првиот Android телефон на BlackBerry, но според досегашната пракса, би требало да го очекуваме во Октомври. Цената со сигурност ќе биде висока, односно на нивото на iPhone 6S и Samsung Galaxy S6.
Извор: Techno Buffalo, Tech Crunch, Ubergizmo