Проширената реалност Google веќе ја претстави со Google Glass, проект кој не успеа поради многу причини, но најважната е веројатно што не ѝ се допадна на публиката – никој не би сакал да шета со „киборг“ очила, нели. Project Tango, односно отсега само Tango, сепак има многу поголеми шанси, бидејќи има за цел да се наоѓа во секој паметен телефон, кој е убедливо најкористен електронски уред на планетава.

Tango му овозможува на корисникот да ја користи околината заедно со 3D холограмски објекти. Ова отвора многу можности во нашите паметни телефони, а Google веќе покажа некои од нив на нови видеа. Во првото видео на пример може да се види како две деца можат истите објекти кои ги гледаат во музејот, да ги погледнат и во својот дом, преку дисплејот на паметниот телефон.

Вториот случај, кој најверојатно многу повеќе ќе се користи, е можноста за покажување на 3D мебел во Вашата соба. Замислете дека сакате некое парче мебел што сте го виделе на интернет, да го пробате како стои во Вашата соба – со Project Tango ќе можете да го направите токму тоа, исто како што прават мајката и ќерката на видеото.

Во третото видео, кое сигурно ќе се покаже како најпопуларно кај дивелоперите на апликации, се покажуваат можностите за играње игри во околината на корисникот. Тука, објектите од играта ќе ги гледате буквално во 3D холограмски ефект во околината во која се наоѓате.

Tango засега е достапен само во еден телефон и тоа новиот Lenovo Phab2 Pro, кој беше претставен неодамна. Причината за тоа е што за Tango треба посебен хардвер со камери и сензори кои можат да ја определат длабочината на сцената, како и положбата во затворен простор. Во иднина се очекува многу повеќе производители да се придружат на Project Tango и да лансираат свои модели на паметни телефони со оваа можност.

Извор: Android Authority, 9 to 5 Google, CNET

Претходна статијаВо играта “Star Trek: Bridge Crew” ќе можете да бидете капетан а-ла Кирк и Пикард
Следна статијаНови трејлери што треба да ги ѕирнете