Кинеските производители на телефони од ден на ден вадат се подобри и подобри понуди во ниските класи – најновиот смартфон на Lenovo може слободно да се натпреварува и со некои смартфони од средно – високата класа, а има цена која е конкурентна на најевтините смартфони кај нас.
Уште на прв поглед, спецификациите се импресивни – дисплејот има големина од 5 инчи и Full HD резолуција од 1920х1080 пиксели со 441 пиксели по инч густина, која е рамо до рамо со некои знаменосци, како на пример HTC One M9.
Процесорот е прилично моќниот Snapdragon 616 со Adreno 405 графика, кој би требало да е доволен за мазно работење со оперативниот систем, а тука е помогнат од 2 GB рам меморија и 16 GB простор за складирање податоци со можност за проширување преку micro SD картичка.
Импресивни се и камерите – задната има 13 мегапиксели, додека предната има 5 мегапиксели, а батеријата има солидни 2750 mAh капацитет со оглед на дебелината од само 7,99 милиметри. И не само тоа – Lenovo Lemon 3 има и два Maxx Audio стерео звучници, кои ретко можат да се начекаат во високите класи.
Секако, бидејќи се работи за кинески телефон и овој има можност за две SIM картички и тоа со 4G брзина. Телефонот ќе доаѓа со вграден Lollipop и барем засега нема информација за тоа дали ќе има надградба на Marshmallow.
Покрај одличните спецификации, најголем адут на Lenovo Lemon 3 ќе биде цената, која во Кина ќе изнесува фантастично ниски 105 долари! Кај нас, телефон со вакви перформанси ќе чини најмалку дупло повеќе, а доколку се работи за етаблиран производител и три пати повеќе.
Lemon 3 инаку ќе биде директен конкурент на новиот Redmi 3 на Xiaomi, кој има поголема батерија со капацитет од 4100 mAh, но и дисплеј со послаба HD резолуција. Како и да е, засега нема информации дека овие модели би можеле да се понудат на нашиот пазар, иако тие би биле и тоа како поволни за македонскиот купувач.
Извор: GSMArena, Android Central, NDTV