LenovoYOGA71014inch_hinge_black_low

За разлика од повеќето други производители кои претставуваат по еден главен производ и можеби уште неколку помали, Lenovo оваа година претстави нов производ од скоро секоја категорија. Од оваа компанија најавени се нови Windows 10 лаптоп и таблет компјутери, Android таблет компјутери и мобилни телефони.

Сите овие производи прават една одлична понуда од производителот, а мораме да признаеме мило ни е што во ова е вклучен и новиот Windows 10 оперативен систем на кој секако му е потребна помош.

Lenovo-YOGA-710-11-inch_black-and-silver

Од уредите коишто работат на Windows 10 претставени се три, односно два лаптопи и еден таблет компјутер.

Yoga 710 и Yoga 510 се лаптоп компјутерите од новата понуда кои доаѓаат во по две варијанти од 11 и 14 инчи за првиот, како и 14 и 15 инчи за вториот модел.

Yoga 710 моделот работи на Core m5 процесорот за 11 инчната варијанта и на 6-та генерација Intel Core i7 на поголемата 14 инчна варијанта. Овој модел нуди екрани со Full HD резолуција, а се најавува и 8 часовно траење на батеријата, како и Dolby Audio звук и Nvidia графика.

Она што е карактеристично за повеќето нови модели кои работат на Windows е нивната можност да се користат во повеќе режими, а не само како лаптоп компјутер. И Yoga 710 може да се користи на овој начин, нудејќи 4 режими на работа, односно лаптоп, стоечки режим, шатор и таблет режим.

Yoga 510 моделите нудат нешто подолго траење на батеријата, а работат на 6-та генерација на Intel Core i7, а може да се додаде и AMD Radeon™ R7 M460 2GB GFX графика. Исто како и 710 моделите и овие овозможуваат 4 режими на работа, зависно од нивното поставување.

Ideapad MIIX 310 е третиот уред кој работи на Windows 10, а за разлика од претходните во овој случај се работи за таблет компјутер. Се разбира како и повеќето таблет компјутер наменети за оваа платформа, MIIX 310 доаѓа со можност за прикачување на тастатура и користење како лаптоп.

Инаку, таблетот доаѓа со 4GB RAM меморија и 64GB простор за складирање на податоци. Се најавува траење на батеријата од 10-тина часови.

Lenovo-TAB3-8-Tablet_e-Reader

Од таблет уредите кои работат на Android претставени се исто така 3 модели. Се работи за TAB3 10 Business таблетот, како и TAB3 7 и TAB3 8.

Како што кажува и самото име, TAB3 10 Business е 10 инчен таблет компјутер пред се наменет за бизнис корисниците. За таа цел доаѓа со апликации наменети за овие корисници како што се Android for Work, Google Play for Work и слично.

Работи на 1.3GHz четири јадрен процесор, има 12 часовно траење на батеријата, NFC, dual-band Wi-Fi AC, Full HD IPS екран, 8 и 5 мегапикселни камери и отпорност на вода и прашина.

Останатите два модели се наменети за пошироката јавност и како што може да се види од нивните имиња доаѓаат со 7 и 8 инчни екрани.

LenovoVIBEK5_Gold

Lenovo претстави и два Android телефони VIBE K5 Plus и VIBE K5, телефони од средната класа. Се работи за 5 инчни модели кои доаѓаат со Full HD, односно HD резолуција на екраните, а работат на Snapdragon 616, односно Snapdragon 415 процесорите. Вклучуваат 16 GB меморија за складирање на податоци, а истата може да биде зголемена преку micro SD картичка. Камерите доаѓаат со 13 мегапиксели на задната и 5 на предната страна.

Извор: Lenovo (1), (2), (3), VB

Претходна статијаSamsung Gear 360 – Камера за снимање 360 степени видеа за обичниот корисник
Следна статијаWIZZ AIR го подобрува тренингот за пилоти во Будимпешта и имплементира напреднат симулатор за пилоти
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.