meizu-pro-5

Кинески телефон, кој не со цена, туку со квалитет конкурира на најдобрите. Да, тоа е Meizu Pro 5, кој има спецификации на кои може да позавидат скоро сите конкуренти во високата класа и алуминиумска изработка “ала” iPhone, бидејќи тоа е моделот на кој сака да му одземе најмногу од колачот.

Meizu отсекогаш бил производител чии уреди најмногу личеле на телефонот на Apple и новиот Pro 5 не е исклучок. Однадвор, на прв поглед дури и нема да можете да ја забележите разликата во однос на iPhone 6S Plus, бидејќи дизајнот и изработката се скоро подеднакви.

Освен луксузниот надворешен дизајн, Pro 5 има и мега моќни компоненти. На пример, ова е единствениот телефон настрана од Samsung Galaxy S6 и Note 5 сериите, кои има Exynos 7420 процесор, чип кој и натаму е најмоќен кај преносните уреди. Тука, за разлика од Galaxy телефоните, ќе треба да движи само 1920х1080 пиксели на 5,7 инчниот дисплеј, што значи дека може да очекуваме уште побрзо и помазно работење.

gsmarena_001

Како и повеќето модели денес, ќе бидат понудени две верзии, едната со 3 GB рам и 32 GB простор, додека втората ќе има 4 GB рам и 64 GB простор, со можност за проширување преку micro SD картичка. Батеријата ќе има 3050 mAh и можност за брзо полнење преку USB Type-C приклучокот и тоа до 65% за само 30 минути. Секако, веќе и стандард во високата класа, на предното хардверско копче е вграден и читач за отпечатоците на прстите.

Задната камера има 21 мегапиксел и сензорот има потекло од Sony, со леќа со бленда од f2.2 која треба да овозможи посветли фотографии без блиц навечер. Задната камера може да снима 4K Ultra HD видео. Предната камера има 5 мегапиксели и може да снима Full HD видео.

Цената на почетниот Meizu Pro 5 изнесува 439 долари, додека помоќниот модел со 4 GB рам и 64 GB капацитет чини 486 долари. Телефонот е опремен со Android Lollipop со Flyme OS скин на Meizu.

Извор: 9to5Google, GSM Arena

Претходна статијаFacebook воведе поддршка за 360 степени видеа
Следна статијаMicrosoft ја претстави Invite – iOS апликација за поедноставно организирање на состаноци