oukitel-k10000

Производителите на паметни телефони, последниве неколку години се чини конечно ги послушаа желбите на корисниците и почнаа да ставаат поголеми батерии во уредите, па сега може да видиме и смартфони со околу 4.000 mAh капацитет. Сепак, новиот телефон на Oukitel не само што ги надминува сите досега, туку прави повеќе и од двојна разлика.

Батеријата во овој смартфон, како што кажува и неговото име, има 10.000 (десет илјади) mAh. Ова, според тоа како денешните процесори, екрани и оперативни системи ги користат батериите, би требало да е доволно за околу 4 дена користење со едно полнење, што во смартфон светот е многу, многу долг период.

OUKITEL-K10000-GB-09

Секако, бидејќи батеријата во телефонот е поголема од многу надворешни “powerbank” батерии, овој телефон можете да го искористите да наполните и други смартфони, односно најразлични уреди. Според Oukitel, телефонот може целосно да се наполни за 3,5 часа, што со оглед на големината на батеријата и не е претерано долг период.

Сепак, убаво ќе беше гигантската батерија да е искомбинирана со помоќен процесор – MediaTek MTK6735 има четири јадра кои работат на само 1 Ghz, помогнат од 2 GB рам меморија, што значи дека можете да очекувате малку сецкање од време на време.

Екранот пак има големина од 5,5 инчи и HD резолуција, додека камерите имаат 8 мегапиксели со двоен блиц назад, односно 2 мегапиксели напред. K10000 е опремен и со 16 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување преку micro SD картичка.

OUKITEL-K10000-GB-10

Покрај малку послабите спецификации, овој модел на Oukitel е и прилично дебел, односно околу 14 mm – огромната батерија мора да се смести некаде. Сепак, целосниот дизајн на телефонот делува дури и привлечно, особено бидејќи има остри линии и рабови.

Цената на Oukitel K10000 изнесува 240 долари, односно 200 долари доколку го порачате телефонот со промотивен код, а може да се купи ексклузивно на Gear Best.

Извор: Ubergizmo, PhoneArena, Android Headlines

Претходна статијаZTE спрема телевизор во кој ќе може да го ставите вашиот смартфон
Следна статијаHeLi-on е веројатно најкомпактниот сончев полнач што можете да го купите