Вториот најголем производител на безалкохолни пијалаци во светот, ќе го лансира својот прв паметен телефон. Ќе биде прилично стандарден Android уред и не, нема да има верзии со лимонов твист или без шеќер. Штета.
Телефонот првично ќе се продава во Кина, што значи дека веројатно нема да може да го купите кај нас, но веројатно и нема многу да ви недостасува. Ќе има 5,5 инчен екран со Full HD резолуција и MediaTek процесор со осум јадра на 1,7 GHz, што значи дека ќе биде сместен во средно високата класа. Процесорот ќе биде помогнат од 2 GB рам меморија, а ќе биде вграден и 16 GB простор за складирање податоци.
Според првата протечена фотографија, телефонот ќе има многу мала рамка околу екранот, што е спротивно на килограмите кои се добиваат со прекумерно користење на нивниот пијалок, но барем вака телефонот изгледа убаво. Назад е вградена и камера со 13 мегапиксели, која веројатно нема да има софтверска забрана за сликање на Coca Cola (моравме да ги спомнеме и нив), а селфи фановите ќе мора да се задоволат со „само“ 5 мегапиксели напред.
Pepsi телефонот ќе биде опремен со Android Lollipop 5.1, но немаме информација дали ќе има посебен скин или ќе прави „тссст“ кога ќе го отклучувате . А би требал да прави, секако. Цената ќе изнесува 205 долари, што е веројатно најпозитивната вест – телефоните со вакви перформанси и спецификации од другите производители се делумно поскапи.
Извор: CNET, Techno Buffalo