Samsung Galaxy S6 беше првиот телефон на корејскиот производител по подолго време, кој се нудеше ексклузивно со нивниот Exynos чип, а поради проблемите со прегревање и пад на перформансите на Snapdragon 810. Сепак, кај S7-ката со сигурност ќе се вратат чиповите на Qualcomm и ако може да се верува на нови извори, првите неколку месеци само смартфонот на Samsung ќе може да го користи најмоќниот Snapdragon 820.
Ова е спротивно на најавите дека Xiaomi Mi 5 ќе биде првиот телефон со новиот, моќен чип на Qualcomm и е навистина чудна одлука доколку се случи. Да, Samsung е најголем производител на телефони во светот и би можел да побара такво нешто, но од друга страна Qualcomm секако дека не би сакал да го навлече гневот на другите производители, кои би биле оставени во „небрано“, бидејќи ќе мора да користат постари чипови, или пак да почекаат да помине ембаргото за вградување на Snapdragon 820 и дури потоа да го лансираат својот модел, еден до два месеци откако тоа ќе го направи Samsung.
Galaxy S7 инаку се очекува да биде претставен на Mobile World Congress во Барселона, кој ќе се одржи од 22-25 Февруари наредната година. Тоа значи дека ако сето ова е точно, Samsung ќе има нефер предност пред главните конкуренти од дури два месеци, што во мобилниот свет е навистина долг период.
Сето ова добива на уште поголема тежина ако се знае дека во моментов нема голема понуда на конкурентни чипови, освен новиот Exynos на Samsung, кој во почетокот најверојатно ќе биде исто така ексклузивен за Galaxy S7 серијата. Да потсетиме, Samsung ќе лансира четири верзии на Galaxy S7, кои зависно од пазарот, ќе доаѓаат со различни внатрешни компоненти – со нивниот Exynos чип и со Snapdragon 820, а сето тоа поради неможноста Корејците да постигнат со производството на чипови за нивниот најпродаван смартфон.
Колку и да има позадина оваа информација, лично не верувам дека може да се исполни – Qualcomm е сепак производител кој зависи од профит, а за поголем профит ќе треба да продадат повеќе чипови и секако, да не ги налутат партнерите за во иднина. Затоа, очекувајте во Јануари погоре споменатиот Xiaomi Mi 5 да е првиот паметен телефон со Snapdragon 820, освен ако некој не го престигне во меѓувреме.