Во обид да ја врати славата на S3 и S4, шестиот Galaxy S на Samsung ќе доаѓа во дури 5 верзии, односно надворешни дизајни и функционалности, наменети за поголем распон на купувачи. Да потсетиме, поголемиот брат на Galaxy S, Galaxy Note, е достапен во две верзии – обичната и Edge верзијата со екран кој е благо заоблен на десната страна и кој може да прикаже дополнителни информации.
Иста таква верзија би требало да видиме и кај новата S6-ка, но се уште не е јасно какви ќе бидат другите три верзии. Но, претпоставка е дека ќе има верзија со метална надворешност (најверојатно алуминиум) и верзија со пластика, или пак верзија со Full HD и Quad HD екран. Нормално, сите модели ќе имаат Amoled екран.
На фотографијата може да се видат обичната и Edge верзијата, со футроли на познатиот производител Verus, што значи дека истите ќе дојдат со сигурност на пазарот (новите телефони најчесто протекуваат токму преку производителите на футроли, кои ексклузивно ги добиваат пред лансирањето).
Во поглед на внатрешните компоненти, се очекува сите модели да доаѓаат со Exynos процесорот на Samsung, поточно новиот 64-битен 7420, кој има осум физички јадра, 4 гигабајти рам меморија и 32 GB простор за складирање на податоци. Нормално, како и секој Galaxy S досега, ќе може да се вгради и мемориска картичка, а од S5 ќе се преземе и читачот за отпечаток на прсти, во нова, подобрена варијанта.
Како што најавивме претходно, големи подобрувања ќе има и во камерата, која сега ќе има 20 мегапиксели, додека TouchWiz скинот на Samsung ќе биде многу полесен и многу помалку ќе ги „јаде“ ресурсите на процесорот, па треба да се очекуваат подобрени перформанси.
За официјалното претставување на новиот Galaxy S6 нема да чекаме уште многу, односно до 1-ви Март, за кога е најавена премиерата, која ќе се одржи на саемот за технологија “MWC” во Барселона.
Извор: Mashable