На настан кој што се одржа вчера во New York, Samsung ја претстави својата нова линија на таблет компјутери Galaxy Tab S, составена од два модела, односно со 8,4 и 10,5 инчен екран. Таблет компјутерите се карактеризираат со тенок и лесен дизајн, како и Super AMOLED екрани со висока резолуција, а со тоа и голема густина на пикселите. Се очекува да бидат достапни од Јули со цени од 399 долари за помалиот и 499 долари за поголемиот модел.
Двата модели доаѓаат со Super AMOLED екрани со резолуција од 2560 x 1600 пиксели со што 8,4 инчниот модел има густина на пикселите од 359 ppi, додека 10,5 инчниот модел има 288 ppi. Ова се првите вакви екрани кој што се користат во таблет компјутери со оваа големина. Карактеристично за AMOLED екраните се богатите бои кои што успеваат да ги прикажат, како и црната боја која што не добива различни нијанси како кај другите екрани. Исто така користењето на ваквиот екран овозможува правење на потенки уреди, па двата модели спаѓаат во категорија на прилично тенки уреди со 6,6 mm дебелина.
Што се однесува до другите карактеристики, Galaxy Tab S моделите ќе доаѓаат во две варијанти, односно со два чипсета. Едната варијанта вклучува Snapdragon 800 чипсет со 2,3 GHz четири јадрен Krait 400 процесор, а другата вклучува Exynos 5 Octa чипсет кој што доаѓа со 1,3 GHz четири јадрен Cortex A7 процесор и1,9 GHz четири јадрен Cortex A15 процесор. Без разлика за кој модел или варијанта се работи, уредите доаѓаат со 3 GB на RAM меморија. Внатрешната меморија за складирање нуди избор од 16 и 32 GB со можност за зголемување на просторот со додавање на SD картица до 128 GB. Двата модели доаѓаат со 8 мегапикселна камера на задната страна и 2,1 мегапикселна камера на предната страна.
Помалиот модел доаѓа со батерија со капацитет од 4,900 mAh, додека поголемиот вклучува разбирливо поголема батерија со капацитет од 7,900 mAh. Според Samsung таблетите можат да издржат до 11 часа гледање на HD видео.
Уредите работат на Android 4.4 KitKat со се разбира посебниот кориснички интерфејс од Samsung врз оперативниот систем. Како и на претходните модели, Tab S моделите доаѓаат со функцијата која овозможува користење на две апликации паралелно на екранот. Исто така вклучена е и SideSync 3.0 функцијата која овозможува прикажување на екранот на Galaxy S5 на екранот на таблетите со што се добива пристап до сите апликации и функции на телефонот без потреба од негово отклучување.
Двата модели доаѓаат со избор од две бои, односно бела и титаниум бронзена. Задната страна од уредите е направена со материјалот кој што се користи во новиот Galaxy S5 паметен телефон.