Samsung на почетокот од неделата најави дека започнува со пуштање на надградбата на најновата верзија од Android оперативниот систем, 6.0 Marshmallow за нивните два главни модели, Galaxy S6 и S6 Edge.
Во соопштението од компанијата истакнуваат дека надградбата започнува со овие два модели, а останатите ќе следат наскоро. Повеќе информации за тоа кои други модели ќе бидат на ред и поважно кога, не беа дадени, а за нив ќе бидат објавени посебни соопштенија.
Како и обично, оваа најава не значи дека корисниците на некој од овие модели може да очекуваат дека надградбата ќе биде веднаш достапна за нив. Обично е потребно време додека истата биде пуштена во сите региони во светот, а тука се и мобилните оператори коишто треба да ја одобрат.
Инаку, Android 6.0 Marshmallow на корисниците им донесува повеќе подобрувања, па како и секоја нова верзија, чекањето на надградбата е нешто што многу корисници го прават со нетрпение.
Некои од подобрувањата коишто доаѓаат со оваа верзија од Android вклучуваат подобро менаџирање на работата на апликациите за подобра ефикасност на потрошувачката на енергија, подобро менаџирање на дозволите за пристап до ресурсите кои ги бараат апликациите, подобра и вградена поддршка за сигурност на уредот со отпечатоци од прстите, Google Now on Tap, промена на прикажувањето на инсталираните апликации и повеќе.
Покрај подобрувањата коишто доаѓаат со самиот оперативен систем, Samsung воведува и одредени свои додатоци, конкретно за Edge моделот. Заобленоста на екранот кај овој модел донесува можност за дополнителни функции кои овозможуваат побрз пристап до контактите, апликациите и слично.
Оваа функција на Edge моделот е унапредена со можност за прикажување на содржина на поголем дел од екранот, односно од досегашните 256 пиксели на 550. Со тоа се добива можност за прикажување на поголем број на контакти, како и поголем број на апликации и често користени активности. Edge екранот исто така добива можност за прикажување на новости, а додадени се и функции како линијар, компас и слично.
Извор: Samsung, The Verge, Android Central