qualcomm-snapdragon-820-prototype-100614563-large

За оние што ја следат ситуацијата кај чиповите во мобилната телефонија, не е никаков новитет дека Snapdragon 810 на Qualcomm не беше претерано успешен, особено поради проблемите со прегревањето. Новиот 820 треба да сврти нова страница и да донесе големи подобрувања во перформансите, но и многу поголеми 4G брзини, подобрена обработка на фотографиите и специјален систем кој има „вештачка интелигенција“.

Но, да почнеме од почеток. Она што најмногу ги интересира корисниците се како телефоните со Snapdragon 820 ќе стојат со конкуренцијата кога се во прашање перформансите. Новиот чип ќе се базира на целосно новата архитектура Kryo, која ќе користи целосно преработени четири ARM јадра, за разлика од 810-ката, која го користи истиот дизајн предложен од ARM. Ова треба да овозможи големо подобрување во перформансите и целосно отстранување на проблемите со прегревањето.

Новата графика, Adreno 530, исто така треба да донесе голем скок – околу 40% во однос на претходникот. Ова е особено важно за играње на најмоќните игри, но е многу важно и за целосната флуидност во работењето на телефоните кои имаат дисплеи со повисоки резолуции – токму графичката се грижи за тоа.

Во чипот ќе биде вграден и специјален процесор за обработка на фотографиите и видеата, кој треба да овозможи вадење на максимумот од вградениот чип на телефонот. Овој процесор ќе може многу подобро да го обработува шумот и да вади повеќе детали во случаи на висок контраст на фотографијата.

Погоре спомнавме и систем кој ќе користи „вештачка интелигенција“. Иако не би се сложил дека тоа е најдоброто име за таквиот систем, ќе се сложам дека може да придонесе за подобрување на траењето на батеријата, но и на генералните перформанси. Имено, со овој систем, чипот константно ќе ги учи навиките и како Вие го користите телефонот и ќе го прилагоди на тоа.

Како и секој нов чип од Qualcomm и овој ќе ги донесе највисоките брзини на трансфер. Вградениот модем на Snapdragon 820 ќе овозможи фантастични брзини на симнување од 600 Mbps, односно брзини на прикачување од 150 Mbps, а ќе поддржува и можност за LTE-U, односно проширување на 4G во Wi-Fi мрежата (засега е достапно само во некои земји).

Според сите овие новитети, можеме да очекуваме дека новите Android и Windows Mobile модели кои ќе го користат овој чип, ќе бидат исклучително моќни уреди со многу нови можности и функционалности. Секако, за финален заклучок, ќе мора да почекаме уште неколку месеци до лансирањето на Samsung Galaxy S7 и LG G5, кои би требало да бидат првите смартфони со Snapdragon 820.

Извор: PC World

Претходна статијаGoogle спрема нови чипови кои ќе бидат оптимизирани за Android?
Следна статијаGirls in Tech додалува 3 карти за Startup Weekend настанот