S5

Една од најголемите критики кои што ги добива Samsung за Galaxy моделите, покрај за користењето на пластика, е TouchWiz корисничкиот интерфејс. Кога за првпат беше претставен тој беше прилично добро прифатен од корисниците, меѓутоа тоа беше во време кога основната верзија од Android не изгледаше добро како сега, а и изменетите верзии беа прилично „лесни“.

Денес TouchWiz е полн со апликации од Samsung прединсталирани на уредот, голем број на анимации, функции и што се не, работи кои што корисниците ретко ги користат повеќе од нив. Вклучувањето на сите овие функции и апликации прават да оперативниот систем работи побавно од тоа што би можело, дури и на појаките модели, а посебно после одреден период на користење.

Веќе можевме да почитаме дека од Samsung ги слушаат критиките и планираат да го поедностават TouchWiz од неговата наредна верзија. Информациите се’ уште не се официјални, па за какво точно поедноставување се работи, ако навистина е планирано, ќе дознаеме идниот месец.

Сепак, пред официјалното претставување на Galaxy S6, порталот SamMobile излезе со дополнителни информации кои што ги има добиено од нивни извори во компанијата. Точноста на информации и тие не можат да ја потврдат, меѓутоа од тоа што им е кажано, може да се очекува навистина големо подобрување на TouchWiz.

Според информациите, Samsung планира да ги исклучи сите досегашни апликации кои што доаѓаа прединсталирани со системот. Тие ќе продолжат да ги развиваат и на корисниците ќе им бидат достапни преку продавниците за апликации, доколку сакаат да ги користат.

Исто така, оперативниот систем ќе вклучува многу повеќе од Material дизајн стилот кој што Google го претстави со Android 5.0. Оперативниот систем, како и апликациите, ќе вклучуваат подобри анимации и поистакнати бои.

Други промени кои што се најавени вклучуваат нова тастатура, нови можности за избор на теми, повеќе избор за бројот на икони на екранот, исклучување на можноста за континуирано менување на екраните во круг и повеќе.

Она што е интересно од информациите е наводното вклучување на апликации од Microsoft кои што ќе бидат прединсталирани со системот. Овие апликации би ги вклучувале Skype, OneNote, OneDrive, како и Office со бесплатна претплата на Office 365.

Вклучувањето на апликации од Microsoft, доколку се покаже како точно, се верува дека е дел од договорот кои што го направија компаниите со што го завршија судскиот спор околу патент лиценците. Што точно имаат договорено компаниите не беше објавено, па не се исклучува и можноста за вклучување на апликации од Microsoft.

Извор: SamMobile

Претходна статијаXiaomi ќе влезе на американскиот пазар, за почеток без мобилните телефони
Следна статијаCrittercism: Android Lollipop со помалку падови на апликациите од iOS 8
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.