Протече и ново видео од „кукла“ модел на новиот iPhone 7 со големина од 4,7 инчи, односно куќиште без внатрешни електронски компоненти (како што имаше по мобиларите порано) и на него може да се видат ситните промени кои ќе бидат направени на новиот модел во директна споредба со актуелниот iPhone 6S.
Прва во очи паѓа поголемата камера, која со сигурност ќе има поголем сензор и побрза бленда на леќата. Ова значи дека скокот во квалитетот на фотографиите би можел да биде многу голем – Apple веќе правеше чуда со помал сензор во однос на конкуренцијата, па со поголем сензор тие би можеле да направат значителен исчекор во квалитетот на фотографиите.
Да потсетиме, поголемиот iPhone 7 Plus би требал да има две камери назад, кои најверојатно ќе овозможат своевиден оптички зум, односно зумирање без да се загуби на квалитетот на фотографијата.
Дизајнот сепак нема да доживее преголеми промени и покрај камерата, новиот модел ќе се разликува по различните пластични линии за антените, кои сега ќе бидат поставени на самиот раб на телото. И како и што се очекуваше, новите iPhone-и нема да имаат 3,5 mm приклучок за слушалки, туку тие ќе се приклучуваат преку Lightning портата.
Промени ќе има и во внатрешноста – новиот Apple A10 чип ќе биде придружен од 3 GB рам меморија, што би можело значително да ги подобри и така моќните перформанси на актуелните модели.
Резолуцијата на дисплеите сепак најверојатно ќе остане иста – 1344×750 пиксели за основниот iPhone се навистина малку за 2016 година и Apple би требал што побрзо да направи промени во овој дел. Иако во помала мера, истото важи и за Plus моделот, кој со 1920х1080 пиксели, заостанува зад Quad HD екраните на главните конкуренти (2560х1440).
Сите овие промени кои ги спомнавме погоре се само мали подобрувања во однос на актуелните модели, кои се првите што имаат пад во продажбата. Да, iPhone 7 ќе се продаде во многу примероци, но искрено се сомневам дека ќе постигне рекордни продажни резултати – конкуренцијата е поиновативна последниве 3 години, што особено важи за Samsung, чии модели од високата класа веќе ги надминаа iPhone 6S и 6S Plus во продажбата. На Apple му треба навистина голема промена наредната година за да се врати на старите патеки.
Извор: 9 to 5 Mac, MacRumors, Forbes