Сите го имаме оној ќош во домот каде паметниот телефон не може да го фати Wi-Fi сигналот, нели? Делумно решение е поскап рутер со посилен сигнал, но и тој не може да ги реши мртвите точки, каде нема воопшто сигнал. Затоа, тука е новиот стартап Eero, кој користи повеќе мали испраќачи на сигнали кои може да се постават низ домот и со тоа целосно да се елиминираат мртвите точки низ собите.
Многу корисници веќе имаат пробано со повеќе рутери низ домот, но, од друга страна, тоа прави пречки во сигналот и истиот ослабува и не ја постигнува максималната брзина, што особено го чувствуваат гејмерите. Проблемот лежи во каналите – скоро сите рутери најчесто ги користат истите канали и прават хаос во мрежната поврзаност, особено во софтверот на уредите. Исто така, поврзувањето на уредите и потоа, работата во софтверот, не се воопшто лесни и бараат стручно лице.
За разлика од актуелните рутери кои скоро сите ги имаме низ домовите, овој систем ќе користи дополнителни предаватели на сигналот. Ќе биде многу лесен за поврзување, бидејќи уредите ќе се наоѓаат сами, без некоја интервенција од сопственикот. Притоа, сите ќе користат различни канали и со тоа ќе се намалат пречките во сигналот, ќе комуницираат меѓу себе за најдобро да го распределат сигналот, а од корисникот нема да се бара скоро никаква интервенција, освен од краткото сетирање преку смартфон апликацијата, која самата ќе го советува корисникот каде да ги постави другите два предаватели. Апликацијата ќе дозволи и лесно праќање на лозинката на другите корисници, односно гостите кои би дошле во домот.
За дизајнот на уредот инаку е задолжен Фред Боулд, човекот кој ги дизајнираше Roku медиа системот, Nest термостатите, како и GoPro Hero 3 камерата и на прв поглед, завршил одлична работа и со Eero.
И покрај сите предности што ги има, Eero има еден голем недостаток, а тоа е цената, која чини 200 долари за еден уред, односно 500 долари за три уреди, што е повеќе и од најдобрите рутери на веќе етаблираните Linksys и Netgear, кои ретко надминуваат 200 долари. Сепак, според Ник Вивер, еден од создавачите на уредот, наредниве неколку години се повеќе и повеќе уреди ќе бидат поврзани со интернет, па побарувачката за постабилна Wi-Fi мрежа во домовите значително ќе порасне.
Иновативниот Wi-Fi систем ќе биде достапен уште летово, но во почеток само во САД. Првите уреди ќе се продаваат по нешто пониски цени од оние што ги споменавме погоре, односно 300 долари за три уреди, за да може уредот да фати што поголема тракција на пазарот.
Извор: Cnet