Nvidia претстави нова генерација од своите графички процесори наменети за лаптоп компјутерите која следствено ја носи бројката 800М. Оваа генерација е составена од GeForce 820М, 830M, 840M, како и GeForce GTX 850М, GTX 860M, GTX 870M и GTX 880М. Со оваа генерација, како и со секоја нова, се очекуваат подобри перформанси со помала потрошувачка на енергија. Двете најјаки графички, односно GTX 880M и 870М се базирани на 28nm Kepler микроархитектурата, додека GTX 860M ќе има две верзии направени во Kepler и Maxwell микроархитектурата. GeForce GTX 850M ќе биде базирана на Maxwell архитектурата, исто како и двете послаби верзии, 840M и 830М. Најслабата GeForce 820М ќе биде базирана на постарата Fermi микроархитектура.
Нова функција веќе достапна на десктоп верзиите од графичките процесори, а сега достапна и на лаптоп верзиите со новата генерација е ShadowPlay. Оваа функција врши снимање во времетраење од 20 минути додека играте игра, па доколку се случи нешто што би сакале да го објавите на YouTube на пример, истото можете веднаш да го зачувате во видео фајл. Исто така ShadowPlay овозможува и мануелно започнување на снимање кое што не е временски ограничено.
Исто така нова функција е и Battery Boost, која што преку намалување на јачината на екранот, резолуцијата, квалитетот на сликите и намалување на frame rate-от до 30fps, овозможува подолго времетраење на батеријата, а со тоа и подолго време на играње на игри кога не сте во можност да го поврзете лаптопот во струја. Според Nvidia кога е вклучен овој режим на работа корисниците може да добијат до двојно повеќе време за играње во споредба со времето кога не се користи Battery Boost.
Според Nvidia иако бројката на PC корисници е константно во опаѓање, бројката на продадени компјутери за gaming сеуште останува на добро ниво. Посебно е во пораст продажбата на gaming лаптоп компјутери поради можноста најдобриот хардвер да биде сместен во веќе не толку големи машини, што ги прави полесни за пренесување.