raspberry-pi-3-640x427

Најпопуларниот мини компјутер во светот, наменет пред се за школите и останатите едукациски установи, влегува во третата генерација, која донесува голем скок во однос на своите претходници и најважно од се, доаѓа со непроменета цена од само 35 долари.

Најважната промена е веројатно тоа што новиот чип сега е 64-битен, што отвара можност за развивање на 64-битни апликации и софтвер. Се работи за ARM Cortex-A53 процесор со четири јадра на 1,2 GHz, кој според Raspberry е 50% побрз во однос на претходникот. Графиката е исто така подобрена – Broadcom VideoCore IV на 400 MHz, за разлика од претходникот кој има графика што работи на 250 MHz.

Процесорот и натаму ќе биде помогнат од 1 GB рам меморија, што би требало да е повеќе од доволно за работење со лесните софтвери и оперативни системи наменети за ваквите компјутери, иако за вистинско искористување на 64-битната архитектура, потребни се минимум 4 GB рам меморија. Raspberry Pi 3 инаку доаѓа со вградена Raspbian дистрибуција на Linux.

IMG_4085.0

Втората промена, односно подобрување, е тоа што сега Wi-Fi (802.11н на 2,4 GHz) и Bluetooth 4.0 чиповите се вградени во самиот Raspberry Pi 3. Досега корисниците мораа да ги зафаќаат USB влезовите за да можат да имаат каков и да било вид на безжични поврзување, а отсега тие влезови ќе бидат слободни. Безжичното поврзување ќе придонесе и за намалување на потребата од Ethernet кабли во големите установи за поврзување на интернет мрежата, иако и тоа поврзување е и натаму достапно и тоа со брзина од 100 Mbps.

Дизајнот на Pi 3, односно поставеноста на компонентите на матичната плоча и излезите/влезовите се и натаму на истото место, односно скоро и да нема разлика однадвор. Цената ќе остане иста како на Pi 2, што е од огромна важност за успехот на овој уред, но и за крајните корисници кои се најчесто со ограничен буџет.

Покрај новиот Pi 3, Raspberry претстави и специјален “Compute Module”, кој го има истиот процесор со четири јадра на 1,2 GHz и 1 GB рам на помала матична плоча, но нема безжично поврзување и ќе се користи само за индустриски апликации.

Извор: The Verge, ARS Technica, Raspberry Pi

Претходна статијаПрофесии кои носат најмногу лајкови на Tinder
Следна статијаMicrosoft ги откри целосните спецификации за HoloLens ќе чини 3.000 долари