Micro 4/3 стандардот беше првиот во светот кој ни ги донесе фотоапаратите со променлива оптика без оптички окулар. Благодарение на него, ваквите апарати станаа помали, без да загубат на високиот квалитет на фотографијата. Olympus штотуку го лансира новиот модел од средната класа, кој донесува неколку подобрувања во однос на истоимениот претходник.
Главната карактеристика на OM-D серијата на Olympus е ретро дизајнот, кој е многу сличен на старите OM-D апарати на јапонскиот производител од пред 30-тина години. OM-D серијата веќе брои три модели, од кои E-M10 е најевтиниот (Olympus има и PEN серија, која е уште помала, но нема окулар). Сепак, нека не ве залажува тоа – со него може да се прават подеднакво квалитетни фотографии, односно му фалат само некои „професионални“ можности, како на пример заштитата од дожд и прашина.
Доколку не сте фотограф кој редовно ќе слика диви животни во пустина или дождовна шума, тоа секако нема да ви пречи. А со големиот сензор од 16 мегапиксели и веројатно најквалитетната .jpeg компресија кај сите апарати од класата, можете да бидете сигурни дека овој Olympus секогаш ќе извади квалитетна фотографија. Како и кај претходникот, достапна е ISO осетливост од 100 до 25.600, што значи дека лесно ќе можете да сликате без блиц и навечер (има вграден во апаратот, но многумина преферираат да сликаат без него), а тука многу ќе помогне и стабилизацијата во 5 оски, која е вградена во телото и која работи со сите објективи кои ќе се стават на апаратот.
Од другите карактеристики, задниот екран од 3 инчи сега има резолуција од 1,04 милиони пиксели, додека електронскиот окулар има резолуција од 2,36 милиони пиксели и е изведен во OLED технологија, што го прави еден од најдобрите во бизнисот. Добри се и видео можностите – full HD може да се снима со 60 fps, но недостасува 4K снимање (достапен е само 4K time-lapse мод). За оние кои го сакаат тоа, препорака се Panasonic моделите од Micro 4/3 стандардот.
Она што го издвојува E-M10 II од конкуренцијата се помалите димензии на телото, но и на сите објективи од Micro 4/3 гамата (а ги има во голем број), како и многу помалата маса. Затоа, би го препорачал на сите оние кои често сликаат улична фотографија, односно често се во движење и имаат активен живот. Ќе ви заштеди многу простор, а нема да загубите на квалитет во фотографиите.
Цената на Olympus OM-D E-M10 II во САД почнува од 649 долари само за телото, односно 799 долари како кит со 14-42 mm f3.5-5.6 објективот со електронски зум. Достапни се црна и сребрена боја.