Неодамна најавивме дека SSD-ата (Solid State Drive) ги надминаа HDD-ата (Hard Disk Drive) во капацитетот и еве еден од првите плодови на тоа. Новиот SSD на Samsung има капацитет од 15,36 TB, вградени во стандардно 2,5 инчно куќиште, исто како и SSD дисковите кои ги вградуваме во нашите лаптопи и компјутери.
Нормално, бидејќи се работи за SSD диск, брзините ќе бидат прилично високи – Samsung ветува 1.200 MB/s за вчитување и впишување на податоци, што е скоро двојно побрзо од стандардните SSD-а кои се приклучуваат на SATA 3 приклучок. Овој SSD сепак се приклучува на SCSI интерфејс кој дозволува брзини од 12 GB/s, што значи дека не е наменет за домашните компјутери (нема да може да го приклучите на матичната плоча), туку е серверски диск.
Дискот е инаку составен од 32 NAND чипови со капацитет од 512 GB, кои пак се изработени на третата генерација на Samsung V-NAND мемориски чипови. PM 1633a поддржува и впишување на нови податоци со капацитет од еден цел диск, односно 15,36 TB секој ден, што го прави исклучително издржлив и особено погоден за апликациите за кои е наменет, односно за работа во серверите. Samsung има вградено и посебен механизам за заштита на податоците, кој може да се искористи доколку има моментално исклучување на енергијата.
Цената на овој диск сеуште не е објавена, но според тоа колку чинат стандардните SSD дискови денес, може да се очекува дека ќе биде многу, многу висока – претходната генерација на серверски SSD дискови на Samsung чинеше 1.000 долари по TB.
Samsung ќе лансира и верзии со 7,68 TB, 3,84 TB, 1,92 TB, 960 GB и 480 GB и според тоа каква технологија имаат, се очекува овие дискови да бидат исто така поскапи од SSD дисковите со ист капацитет, наменети за домашните купувачи.
Извор: Techspot, ARS Technica, ITPro