Паметните часовници досега користеа ист тип на стакло кое се вградуваше во паметните телефони, кое реално не можеше да се носи со сафирните стакла на луксузните (обични) часовници. Затоа, Corning го разви Gorilla Glass SR+ стаклото, кое треба да понуди извонредна цврстина и отпорност на гребење.
Според производителот, ова стакло ќе биде дури и поотпорно од тоа на луксузните часовници, што е импресивен податок, бидејќи сафирните стакла (ако алудираат на нив) е навистина тешко да се изгребат или скршат. Gorilla Glass SR+ има 70% подобра отпорност на оштетување од нив и има и 25% помала рефлективност, што е многу важно за часовници кои се опремени со дисплеј.
Ова може да придонесе за намалување на потрошувачката, односно продолжување на траењето на батеријата (особено голем проблем кај актуелните часовници), бидејќи дисплејот нема да мора да биде толку многу осветлен за да биде видлив преку ден.
Новото Gorilla Glass SR+ стакло ќе треба да почне да се вградува во скоро сите паметни часовници од етаблираните производители, почнувајќи од оваа есен. Прв таков уред е новиот Gear S3 на Samsung, на чија промоција и можевме да учествуваме.
Дали новото стакло на Corning ќе биде навистина толку добро, останува да видиме – порано тие ветуваа и некршливи стакла за паметните телефони, а сепак најскапите поправки кои ги правиме на нив се токму за менување на дисплејот.