Ralph Lauren е позната компанија од областа на дизајнирање и производство на облека, сопственост на истоимениот и познат моден дизајнер. Сигурно до пред некоја година би ви било чудно да читате за оваа компанија на портал за технологија, меѓутоа денес скоро и да нема производ во кој што не се вградени одредени сензори или друга технологија, па е ставен во категоријата на паметни производи.
На US Open тенискиот турнир кој што започна денес, Ralph Lauren претстави нова поло маичка која што вклучува сензори директно вплетени во материјалот од кој што е направена. Поточно се работи за сребрени влакна кои што ја имаат можноста за мерење на одредени информации од човекот кој што ја носи маичката. Сензорите имаат можност да мерат информации како што се пулсот, нивото на стрес, потрошени калории, интензитет на движење и повеќе. Овие информации се пренесуваат и прикажуваат на апликација за мобилните телефони во вистинско време, па може да се користи при вежбање за следење на напредокот, како и следење на биолошките знаци.
Маичката ќе започне да се продава од идната година, а на US Open турнирот промотивно ја носеа децата кои што се задолжени да ги враќаат тениските топки од теренот. На промоцијата присуствуваше синот на Ralph Lauren, David, кој што истакна: „Фасцинантно е да го видите ова момче кое што е во неговиот врв од младоста и здравјето, да го гледате неговото ниво на стрес кога Roger Federer му ја додава топката. Можете навистина да видите како неговиот пулс се зголемува. Можете да го видите неговото дишење“.
Извор: Engadget, NYT, Ralph Lauren