Минатата година неколку пати можевме да прочитаме за новиот USB кабел наречен Type-C. Главната новина кај овој нов кабел/конектор е тоа што веќе нема да прави разлика од која страна е вклучен. Тоа значи дека кабелот ќе можеме да го вклучуваме од било која негова страна, како и страната на конекторот. Иако може да се каже ситница, ова е една од мааните на сегашните USB кабли кои што по некоја случајност, секогаш ги вклучуваме на погрешната страна.
USB Type-C покрај новиот кабел, ќе дојде и со поддршка за новиот 3.1 стандард кој што овозможува брзини на трансфер на податоци дупло поголем од сегашниот 3.0. Брзината на трансфер која што може да ја постигне новиот стандард изнесува 10 Gbps.
Новиот USB Type-C исто така е направен да може да пренесува повеќе енергија од сегашните кабли, па тој ќе може да се користи за полнење на лаптопите, на пример, без потреба од посебен адаптер како сега.
Овој кабел беше прикажан на CES2015 настанот оваа недела, а исто така беше најавен и гејминг лаптоп од MSI кој што ќе дојде со поддршка за него. Во продолжение можете да го погледнете краткото видео направено од Cnet кои што се разбира се присутни на настанот со своја екипа.
Извор: Cnet