Фото: Shutterstock.com

Anthropic официјално го претстави Project Glasswing, иницијатива насочена кон подобрување на сајбер безбедноста на најкористените софтверски системи. Проектот се реализира во партнерство со водечки технолошки и безбедносни компании, вклучувајќи ги Amazon, Apple, Broadcom, Cisco, Google, Microsoft, Nvidia, CrowdStrike, Palo Alto Networks и The Linux Foundation.  

Основната цел е да се искористат способностите на вештачката интелигенција за дефанзивни цели, овозможувајќи им на организациите да ги детектираат и отстранат пропустите во нивната инфраструктура пред истите да бидат злоупотребени.

Во центарот на оваа иницијатива се наоѓа новиот модел наречен Claude Mythos Preview. За време на тестирањата, овој модел покажал висок степен на автономија во идентификувањето на софтверски ранливости кај различни оперативни системи, веб прелистувачи и софтвер со отворен код. 

Во основа, оваа нова иницијатива ќе може да се користи од компаниите да откријат рансливости кај нивните производи, како што се macOS од Apple, Windows од Microsoft и другите. 

Anthropic тврди дека нивните модели имаат достигнато ниво на способност во програмирањето кое е надминато само од страна на најдобрите програмери во откривањето на ранливости. 

Поради фактот што ваквите алатки имаат потенцијал за двојна намена и можат да го олеснат креирањето на малициозен код, Anthropic нема да го направи моделот јавно достапен. Пристапот е строго ограничен на затворен конзорциум од над 40 организации кои развиваат и одржуваат критичен софтвер.

Како поддршка на иницијативата, Anthropic доделува до 100 милиони долари во кредити за користење на моделот за партнерите, како и дополнителни 4 милиони долари во донации за организациите посветени на безбедноста на софтверот со отворен код. 

Искуствата и наодите од Project Glasswing постепено ќе се споделуваат со пошироката индустрија. Овој чекор претставува практичен обид да се постави стандард за тоа како технолошкиот сектор може да се здружи за да се справи со безбедносните предизвици кои ги носи новата генерација на системи базирани на вештачка интелигенција.