Логото на Google Chrome го добива своето прво освежување после 8 години. Сепак, после ваква најава би очекувале некоја драстична промена, но промените во логото ретко кој ќе ги забележи.
Во основа не се работи за редизајн, туку за мало освежување со промена на неколку делови во логото, а со тоа и иконите од апликацијата на различните платформи каде е достапна.

Логото на Chrome сега ги нема сенките, со што се добива повеќе рамен дизајн, а исто така поголем е синиот круг во средината. Дополнително, различните бои сега се поистакнати, а на нив е додаден градиент за полесно нивно „прелевање“.
Од Google истакнуваат дека имаат откриено дека поставувањето на боите една до друга, поточно зелената и црвената, прави одредена непријатност, а посебно по тргањето на сенките кои сепак оставаа простор за раздвојување на боите.

Иконата од апликацијата исто така ќе изгледа до некаде различно на различните платформи, односно истата ќе биде прилагодена на стилот кој го користи конкретната платформа. На Windows иконата ќе биде едноставна како и досега, на Chrome OS ќе има повеќе истакнати бои, додека на macOS ќе биде направена со мал 3Д ефект, како што се направени и останатите икони.